Германската Влада постигна договор за инвестиција на кинеската компанија Коско во пристаништето Хамбург


 Германската влада постигна компромис во спорот околу кинеската инвестиција во терминалот за контејнери во пристаништето Хамбург, наведуваат извори од владата, пренесе ДПА.

Кинеската компанија „Коско“ (Cosco)  минатата година се обиде да дојде до 35 отсто од акциите на терминалот, меѓутоа, додава германската агенција, според договорот на трипартитната владина семафор коалиција, уделот на „Коско“ во сопственоста на терминалот ќе биде ограничен на 24,9 отсто.

Неколку министерства изразија загриженост во врска со планираната аквизиција со стекнување сопственост врз критична инфраструктура.

„Коско“ управува со четвртата по големина компанија за транспорт на контејнери во светот. Нејзините бродови повеќе од 40 години се укотвуваат на терминалот Толерорт во пристаништето Хамбург.