Германската министерка за одбрана под силен удар откако користеше владин хеликоптер да оди на одмор

Кристин Ламбрехт го зела и синот на летот, а потоа тој тоа го објавувал на Инстаграм


Кристин Ламбрехт имаше најмал рејтинг од сите министри на Олаф Шолц

 

Политичките противници ја зедоа на удар германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт, користејќи извештаи дека таа го зела нејзиниот возрасен син со себе во владин хеликоптер на одмор.

Бесот ги надополни претходните критики за начинот на кој Ламбрехт раководеше со министерството за одбрана, кое таа го презеде во декември, и ги стави под притисок социјалдемократите (СПД) на канцеларот Олаф Шолц пред големите покраински избори овој викенд.

„Бизнис инсајдер“ прв го објави патувањето во понеделникот, откривајќи дека 21-годишниот син на Лабрехт ја придружувал минатиот месец кога таа одлетала во северната покраина Шлезвиг-Холштајн да ги посети германските трупи, а потоа отпатувала на островот Зилт во Северното Море на одмор.

Министерството за одбрана соопшти дека Ламбрехт постапила законски во текот на патувањето – соодветно ги известила службениците за нејзините планови неколку дена пред време и ги покривала трошоците за приватното патување од свој џеб.

Но, противниците на владата на Шолц и медиумските коментатори ја критикуваа Ламбрехт поради патувањето, велејќи дека е политички немудро да се користи државниот превоз за да се оди на приватен одмор. Тие забележаа дека патувањето со воз од Берлин би траело помалку од шест часа и дека хеликоптерот сообраќа по цена од 5.300 евра на час.

Во средата, Ламбрехт се обиде да повлече линија под аферата. Таа за телевизијата ЗДФ изјави дека ги разбира критиките и сугерираше дека, во ретроспектива, можеби поинаку би се однесувала со патувањето. Но, таа истакна дека сторила сè според правилата и исто така побара разбирање дека сака да одржува блиски односи со нејзиниот син среде напорната министерска работа.

Овој случај повторно ја отвори националната дебата за Ламбрехт, висок социјалдемократ која се мачи уште од нејзиното изненадувачко назначување да ја смени репутацијата дека не е добро позиционирана да ја води одбранбената политика на Германија со војната што беснее во Европа.

Вниманието врз Ламбрехт, поранешен министер за правда и семејство под канцеларката Ангела Меркел, доаѓа во лош момент за СПД на Шолц.

Неговата партија претрпе катастрофален пораз на изборите во северната покраина Шчезвиг-Холштајн минатата недела и сега се соочува со тесна трка овој викенд во Северна Рајна-Вестфалија, каде што социјалдемократите се обидуваат да го соборат актуелниот конзервативен државен премиер од Христијанско-демократската унија (ЦДУ).. Според анкетите, двете партии се целосно изедначени.

Со недели таа се соочува со критики затоа што не ја подготви германската војска по руската инвазија на Украина.

Анкетите, исто така, покажуваат дека Германците не се задоволни од нејзината работа. Според најновото истражување на германскиот неделник „Шпигел“, Ламбрехт е на последното место по рејтингот во кабинетот на Шолц.

Дури и пред Русија да ја нападне Украина, Ламбрехт беше исмејувана поради тоа што ја објави германската пратка од 5.000 заштитни шлемови во Украина, потег во согласност со германската политика во тоа време. (Политико)