Германската крајна десница од АфД ја нарече ЕУ „пропаднат проект“
АфД, која е втора во анкетите, бара ЕУ да се воспостави како „конфедерација на европски држави“
Германската крајнодесничарска Алтернатива за Германија (АфД) ја нарече ЕУ „пропаднат проект“ и повика таа повторно да се воспостави како „конфедерација на европските држави“, објави рече партијата во својата изборна програма на ЕУ, која беше усвоена во неделата (6 август).
„Сметаме дека ЕУ не може да се реформира и ја гледаме како неуспешен проект“, се вели во партиската програма.
„Затоа, ние се стремиме кон ‘федерација на европските држави’, европска економска заедница и заедница на интереси што допрва треба да се основаат, во кои ќе се зачува суверенитетот на земјите-членки“, се вели во неа.
Меѓутоа, новата партиска програма е малку ублажена од претходните позиции на АфД. Нацрт-предлогот на изборната програма во јуни бараше целосно распуштање на ЕУ. За време на општите избори во Германија во 2021 година, партијата се залагаше Германија да го напушти блокот.
Меѓутоа, со цел да се обрати на поширока база на гласачи, шефовите на партијата АфД, Тино Хрупала и Алиса Вајдел се залагаа за помек пристап кон ЕУ. Затоа, конечната верзија е компромис со порадикалното крило на АфД, кое сè уште притиска Германија веднаш да го напушти блокот.
АфД неодамна, исто така, ја зајакна својата соработка со другите екстремно десничарски партии со формално приклучување кон европската групација Идентитет и демократија (ИД). Во моментов, европратениците на партијата се членови на пратеничката група на ИД, но АфД како целина не е дел од партиското семејство.
Екстремно-десничарската АфД подолго време се наоѓа на второто место со над 20% во последните месеци – надминувајќи ја дури и СПД на канцеларот Олаф Шолц и опасно блиску до водечката конзервативна ЦДУ/ЦСУ.
Изборната програма на АфД наиде на жестоки реакции, при што Манфред Вебер, кој раководи со Европската народна партија (ЕПП), ја нарече „објава за војна против [Европската] Унија“.
„Тоа е против сето она за што се бореле претходните генерации“, изјави Вебер за германската телевизија ЗДФ.
Додека Вебер нагласи дека ќе исклучи каква било соработка со АфД на европско ниво, тој, исто така, го бранеше неговото зближување со крајнодесничарската партија Браќа од Италија на премиерот Џорџа Мелони. За разлика од АфД, партијата на Мелони не е дел од групата ИД, туку припаѓа на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР).
Вебер нагласи дека Мелони не може да се споредува со АфД и дека „огнениот ѕид“ против екстремната десница „мора да биде јасно дефиниран“.
Во меѓувреме, потпретседателката на Европскиот парламент и поранешна германска министерка за правда Катарина Барли го критикуваше Вебер дека не се дистанцирал доволно од екстремно десничарските партии, особено не од Мелони.
„Заштитниот ѕид на конзервативците против десничарските популисти и фашистите повеќе не постои“, изјави таа за весникот „Аугсбургер алгемајне цајтунг“.
„Особено во Германија, ние доживуваме цврст десничарски курс во ЦДУ и ЦСУ. Вебер „намерно го отвори крилото десно и не го крие тоа“, додаде таа. (Еурактив)