Германската фирма „Впд“ ќе вложи 500 милиони евра за изградба на ветерни електрани во Македонија


Според плановите проектот „Вирови“ треба да оди во три фази – во 2025, 2026 и 2027 година: ветерниот парк „Лас Тадес“ во Шпанија подигнат од германската компанија „Впд“

Паркот на ветерни електрани треба да се гради во месноста Вирови кај Куманово и треба да има моќност од дури 400 мегавати. „Впд“ поднесла барање до владата за одобрување на статус на стратешки проект

 

Германската фирма „Впд“ (Wpd) планира да изгради парк со ветерници со моќност од дури 400 мегавати во Македонија што би бил поголем од сите други ветерни електрани во земјата заедно (и оние што работат и оние што се во плановите). Овие ветерни електрани треба да се градат во месноста Вирови (во плановите на „Впд“ проектот е заведен со тоа име) во близината на Куманово.

Германскиот инвеститор поднесол барање за статус на стратешки проект што ќе му даде повластен третман, според законот усвоен минатата година.

Ова го објавува месечникот кој се занимава со прашања за енергија од ветерот „Виндпауер“. Според изјавата на портпаролот на германската компанија за „Виндпауер“ тие чекаат дополнителни информации од владата, вклучувајќи јасна и транспарентна рамка за развој и фаза на работа на ветерниот парк, со рокови и обврски за двете страни. Според портпаролот, ова треба да овозможи побрзо темпо на развој.

„Впд“ сѐ уште работи на проектот и рамката за финансирање, но компанијата верува дека неговиот развој и изградба ќе чини околу 500 милиони евра. Според плановите проектот „Вирови“ треба да оди во три фази – во 2025, 2026 и 2027 година.

„Впд“ има за цел да го развие проектот преку две деловни единици во целосна сопственост: „Вирови“ формирана за специјална намена во Македонија и „Впд Адриа“, нејзина подружница за управување со развој на проекти во Западен Балкан. Портпаролот за „Виндпауер“ изјавил дека овој проект може да биде само почеток и дека компанијата гледа потенцијал за понатамошни ветерни електрани во Македонија.

Компанијата „Впд“, чие седиште е во Бремен, Германија, е една од водечките во светот која произведува енергија од обновливи извори. Таа има поставено ветерни електрани во 28 земји во светот, но повеќето во Европа. Има подигнато 2.400 ветерни турбини, кои произведуваат 5.150 мегавати. Таа поставува ветерни турбини во море и на копно. Проектите што сега ги развива „Впд“ предвидуваат подигнување ветерни турбини од 12.300 мегавати на копно и 13.800 мегавати во море.

Единствениот парк на ветерници што е подигнат и функционира во Македонија е оној кај Богданци со моќност од 36,8 мегавати, а уште 43,2 мегавати се во фаза на развој.

За да се има предвид колку голем би бил овој проект на „Впд“ од 400 мегавати треба да се знае дека трите блока на РЕК „Битола“, кои користат јаглен, имаат моќност од близу 700 мегавати (3х225). Или, пак, двете турбини на ХЕЦ „Козјак“ имаат моќност од 82 мегавати, по 41 секоја. (Н.В.)