Германската автомобилска индустрија предупредува за можен прекин поради затворње на границите


Новите ограничувања воведени на германско-чешката граница може да предизвикаат проблеми во испораката и да доведат до затворање на германски фабрики од денеска, предупреди Асоцијацијата на автомобилската индустрија (ВДА).

„Фабриките во Инголштад, Регенсбург, Динголфинг, Цвикау и Лајпциг ќе бидат први погодени“, рече портпаролот на ВДА.

Од вчера, само германски државјани и жители имаат дозвола да влегуваат во Германија од Чешка и од провинцијата Тирол во Австрија. Политиката беше наметната за да се спречи пренесувањето на заразни варијанти на коронавирусот од тие области.

И покрај предупредувањето на индустриската групација, германските автомобилски гиганти Фолксваген и Дајмлер велат дека во моментов не очекуваат прекини во снабдувањето.

Германските производители на автомобили имаат „извори“ за делови во источните земји на ЕУ и од северна Италија. Тирол е главна сообраќајница за товар од Италија до Германија.

Министерот за здравство Јенс Шпан веднаш ги бранеше ограничувањата, во изјава за Зидојче цајтунг дека во светло на ширењето на нови варијанти на коронавирусот, овие правила се најдобриот начин да се стабилизираат стапките на инфекции во германските општини близу до границата.

„Борбата против зголемената појава на опасни мутации на границата привремено бара ваква драстична мерка“, изјави тој за весникот.

Новите погранични ограничувања не предизвикаа некои поголеми проблеми во сообраќајот или потреси, соопшти во неделата германската полиција, иако на стотици луѓе им беше забранет влез.

„Ситуацијата во моментов е многу мирна“, рече портпаролот на полицијата во неделата наутро во Пасау, град што се граничи со Австрија и е исто така близу до Чешка. „Во еден работен ден, кога патниците ќе се обидат да влезат, ситуацијата секако ќе биде поинаква.

Здравствените работници, возачите на камиони и другите работници во товарниот транспорт се изземени од новото правило.

Германското Министерство за внатрешни работи и премиерот на баварската држава Маркус Содер во неделата објавија дека на вработените во клучните сектори исто така ќе им биде дозволено да преминуваат во Германија. Сепак, властите допрва треба да дефинираат кои сектори се од суштинско значење.

Гувернерот на Тирол Гинтер Платер остро ја критикуваше оваа ограничувачка политика и предупреди дека тоа ќе влијае на многу патници.

„Сегашната ситуација е апсолутно неприфатлива“, рече тој во изјавата во Инсбрук.

„Веднаш ни треба политика што ќе им овозможи на сите тиролски и баварски патници да ја завршат својата работа со негативен тест за коронавирус“, побара тој.

Чешкото движење Чипл Пес, кое лобираше за ублажување на ограничувањата на Ковид-19, побара „одмазда“ против затворањето на германската граница.

„Владата во Прага треба да одбие влез за Германци. Чешките здравствени работници кои се вработени во германските болници, исто така, треба да бидат спречени да ја преминуваат границата“, предлага движењето.

„Германците ги бранат своите национални интереси. Ако нашата влада покажеше силно лидерство, тие ќе го стореа истото”, се вели во соопштението на Фејсбук.

Претседателот на германската полиција Карл-Хајнц Блуемел изјави дека на 500 лица веќе им е забранет влез во првите 12 часа од воспоставувањето на новите правила.

Вкупно 1.700 лица биле подложени на гранични проверки во тоа време – 700 од нив на границата кон Чешка.

И Чешка и Тирол се места каде варијантите на коронавирусот се широко распространети.

Луѓето кои сакаат да преминат во Германија мора да покажат негативен тест за коронавирус.(ДПА)