Германската амбасадорка ги претстави приоритетите во ЕУ пред нашата влада
Меѓу приоритетите, нагласи амбасадорката Холштајн, се и завршните преговори и идните релации со Обединетото Кралство, напредокот на зелената и дигиталната трансформација на ЕУ, јакнење на европската солидарност и социјална кохезија, прогресот во политиките на ЕУ за миграциските и прашањата за азил, јакнењето на владеењето на правото како клучна основа на ЕУ и зајакнувањето на капацитетите на ЕУ во надворешната политика за делување на глобално рамниште.
Премиерот Оливер Спасовски се заблагодари за учеството на амбасадорката Холштајн на седницата со која се потврдуваат заложбите на Владата на Република Северна Македонија за стратешката насоченост кон европска интеграција, преку интензивна и динамична работа со сите чинители и засегнати страни.
Спасовски го истакна фактот дека еден ден по преземањето на претседателството со Советот на Европската Унија од страна на Германија беше објавена преговарачката рамка на ЕУ со нашата земја, и со тоа оваа земја покажа дека континуирано прави големи чекори и клучни одлуки со кои го препознава извонредниот напредок и смелите чекори во добрососедските односи и реформите што Северна Македонија ги презеде во изминатите три години.
-Сојузна Република Германија го презема претседавањето со Советот на ЕУ во исклучително значаен период. Ние очекуваме и веруваме дека до завршувањето на вашето претседателство со Советот на Европската Унија ќе се одржи Првата меѓувладина конференција, на кој начин ќе се означи и официјалниот старт за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија, а во таа насока, охрабрува и изјавата на Канцеларката Меркел дека тоа е и целта на Германија, рече Спасовски на седницата на Владата.