Германската амбасадорка кај Пендаровски: Можете да сметате на поддршката на Германија


Новата амбасадорка на Германија во земјава денеска го увери претседателот Стево Пендаровски дека таа и нејзината земја ќе направат сѐ за забрзување на европските интегративни процеси на Македонија.

„Приемот во НАТО како 30-та членка, важните договори со соседните земји Грција и Бугарија и најпосле зеленото светло за започнување на пристапните преговори со Европската Унија кое одамна требаше да го добиете, се успеси за кои си дозволувам да ви честитам од сѐ срце. Германија за тоа време ви беше доверлив партнер, кој ве поддржуваше со сите расположливи сили. Дозволете да ве уверам дека така и ќе остане. Можете да сметате на тоа, дека сѐ за што можам да придонесам како германска амбасадорка лично и ќе го сторам“, рече амбасадорката Анке Гизела Холштајн на церемонијата на предавање на акредитивните писма.

Преттседателот Стево Пендаровски оцени дека вклучувањето на прашањето за проширувањето во приоритетите на германското претседавање со Европската унија во втората половина на 2020 година е јасна порака за нашата држава, но и недвосмислен стимул за понатамошно спроведување на неопходните суштински реформи во сите сфери од општественото живеење, а особено во изградбата на правната држава и во борбата со организираниот криминал и со високата корупција.

„Свесни сме дека пред Вашето претседавање со Советот на Европската Унија се исправа најголемиот економски предизвик во историјата на ЕУ, поврзан со заздравување на земјите погодени од корона вирусот. Но, истовремено сме сведоци дека пандемијата уште повеќе ги засили европските чувства на солидарност, единство и одговорност кон Западен Балкан. Во тие рамки, нашите очекувања се до крајот на годината да се одржи првата меѓувладина конференција со што ќе се означи и официјалниот почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската унија“, рече Пендаровски на церемонијата.