Германка осудена на доживотен затвор за убиство на дете во градинка


 

Судот во Германија ја осуди на доживотен затвор 25-годишната Германка која лани уби двегодишно дете во градинка во градот Фирзен, во кој работела.

Регионалниот суд во Менхенгладбах денеска ја осуди Сандра М., чие презиме заради приватност не е објавено.

Судиите заклучиле дека обвинетата го притиснала градниот кош на двегодишно девојче и го спречила да дише. Детето, идентификувано само по името Грета, почина во болница две недели подоцна.

За време на судењето судот слушна искази од други деца кои рекле дека обвинетата физички ги малтретирала. Обвинетата германска државјанка и порано била отпуштана од работа во други градинки.

Таа негираше дека го повредила девојчето и нејзините адвокати рекоа дека имаат намера да поднесат жалба на пресудата.

Според германскиот закон, таа има право да бара порано пуштање на слобода по 15 години.