Германска министерка поднесе оставка затоа што за време на поплавите пред 9 месеци заминала на одмор


Ане Шпигел беше одлична министерка за семејство, но мораше да поднесе оставка

 

Политичарката на Зелените, Ане Шпигел поднесе оставка од функцијата сојузен  министер за семејството. Заднината на оставката е нејзиниот однос кон катастрофалните поплави во германската покраина Рајнланд-Пфалц во летото 2021 година. „Денеска поради политички притисок решив да ја ставам на располагање функцијата федерален министер за семејството“, вели 41-годишната политичарка во соопштението коешто го испрати Министерството за семејство.

„Ова го правам со цел функцијата да не претрпи штета, бидејќи се соочува со големи политички предизвици“, додаде Ане Шпигел. Таа поднесе оставка само четири месеци по нејзиното назначување.

Шпигел беше критикувана затоа што како поранешна министерка за животна средина на германската покраина Рајнланд-Пфалц, замина на одмор десет дена по катастрофалните поплави и само еднаш го прекина одморот за да се појави на задолжителен настан во долината на реката Ар.

Во нејзиниот емотивен настап во неделата (10 април), Ане Шпигел го оцени тогашниот одмор како грешка. Покрај тоа, таа призна дека за време на одморот не се појавувала на видео-врска на седниците на покраинската влада, како што тогаш тврдеше.

Партиските лидери на Зелените оценија дека одлуката за оставка е правилна. Рикарда Ланг и Омид Нурипур, кои подеднакво ги водат Зелените, веруваат дека кадровското прашање брзо ќе се реши. „Имам голема почит кон неа“, рече Аналена Бербок, германска министерка за надворешни работи. Кај неа предизвика емоции оставката на колешката: „Ане Шпигел лично помина низ многу тежок период. Денес таа не само политички, туку мислам и лично, го помина патот кој според мене покажува колку сурова може да биде политиката“, рече германската министерка за надворешни работи, додавајќи дека сето тоа може да биде „предупредување за сите нас во политиката“.

Бербок ја пофали својата колешка за одлуката да поднесе оставка: „Имам голема почит за нејзината одлука и сакам јасно да кажам – сојузната влада, ние како кабинет, губиме одличен министер за семејство“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека со голема почит ја примил одлуката на министерката Шпигел.

Непосредно пред нејзината оставка, Олаф Шолц изрази поддршка за Ана Шпигел: „Што се однесува до соработката во владата, федералниот канцелар ја цени министерката и нивната соработка е блиска и полна со доверба“, рече Хофман.

За „почит“ зборуваше и коалицискиот партнер, либералите (ФДП). „Им посакуваме се најдобро на г-ѓа Шпигел и на нејзиното семејство“, изјави шефот на либералите Кристијан Линднер за „Рајнише пост“.

За време на викендот сѐ почесто се слушаа критики на сметка на министерката Шпигел, а тие главно доаѓаа од редовите на конзервативната Унија. Премиерот на најнаселената германска покраина Северна Рајна Вестфалија, Хендрик Вист, изјави дека тоа е „тест на кредибилитет за социјалдемократите и Зелените“.

Урсула Хајнен-Есер, конзервативна министерка во Министерството за животна средина на покраинската влада, поднесе оставка минатиот четврток (7 април), бидејќи беше објавено дека таа и неколку други членови на владата прославиле роденден на шпанскиот остров Мајорка неколку дена по катастрофалните поплави во јули 2021. (Дојче веле)