Германска компанија ќе произведува електрични автомобили во Грција


Да се надевам дека набргу ќе возиме електрични „е.go“ автомобили „Made in Greece“, рече заменик-министерот за надворешни работи задолжен за економска дипломатија Костас Франкојанис на денешниот дигитален настан на потпишување на писмо за намери за инвестиција, односно првичен договор меѓу грчката Влада и германската компанија „Next e.Go mobile“ за изградба на производствен објект за електрични возила во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Франкојанис објасни дека планирано е договорот да се финализира во следните три до шест месеци, а инвестицискиот проект да биде имплементиран за две години.

Додаде дека планот е производство на 30.000 возила годишно, а со проектот ќе отворат околу 1.000 директни и 5.000 индиректни работни места.

-Денеска е важен ден бидејќи го означува потпишувањето на писмото за намери меѓу „Next e.Go mobile“  и „Enterpise Greece“. Ова е денот кога нашата земја ги прави првите бебешки чекори за влез во секторот за производство на електрични возила, рече заменик-министерот за надворешни работи на Грција, додавајќи дека двете страни се согласија за првична соработка, а следниот чекор ќе биде формирање на работна група што ќе се фокусира на работната рамка и деталите.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис истакна дека „денеска се прави првиот чекор“, потенцирајќи дека Грција има многу да понуди.

-Ова е важен чекор за нас бидејќи ставаме јасно на знаење дека не ја замислуваме Грција единствено како земја што е конкурентна кога станува збор за услугите, сакаме исто така да бидеме конкурентни и во иновативното производство и веќе го правиме првиот важен чекор во таа насока. Знам дека има уште многу работи да се направат за да се финализира договорот, но сигурен сум дека ќе одиме напред согласно планот, рече Мицотакис на денешниот дигитален настан.