Германска амбасада: Од суштинско значење се преговорите на С.Македонија со ЕУ


Фото: Б.Грданоски

Германската амбасада во Скопје преку соопштение изрази поддршка кон европската перспектива на нашата земја. Тие велат дека започнувањето на пристапните преговори на Европската унија со С.Македонија е и останува да биде суштинско прашање на безбедноста и стабилноста во Европа.

„Германија е на посебен начин поврзана со Западен Балкан, не само политички, туку и економски и општествено преку многуте луѓе од овој регион што живеат кај нас. Од заеднички европски интерес е да се интегрираат државите од Западен Балкан во Европската Унија. За ова да успее, мораме да се држиме до нашите ветувања, европската перспектива на овие земји заедно да ја спроведеме. Ова е најдобриот предуслов за да се унапредат реформите и развојот на правната држава, а со тоа ова е и најдобриот предуслов за благосостојба, стабилност и безбедност внатре во Европа“, се вели во соопштението.

Потсетуваат дека германскиот Бундестаг со својата одлука на 26 септември 2019 ја исполни својата одговорност и нивната позиција не се промени, а ќе остане да служи како импулс за размислување за другите.

„И ние сме за тоа, пристапниот процес во целина да биде потранспарентен и подобар. Но, исто така сме уверени, дека вреди да ѝ се понуди европска перспектива на Република Северна Македонија. Германија и понатаму ќе ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, како што тоа секогаш сме го правеле. Сметаме на тоа, Северна Македонија да ги интензивира реформите и со тоа да ги убеди сите, кои сѐ уште би имале сомнеж, дека нејзиното место е во ЕУ!“, се вели во соопштението.