Германија „за влакно“ ќе избегне рецесија


 

Германија би требало „за влакно“ да ја избегне рецесијата, со скромен раст на активноста во првиот квартал од оваа година, се вели во најновиот извештај на Министерството за економија.
„Се чини дека (Германија) избегна техничка рецесија, пад (на активност) два квартали по ред“, објави Министерството во петокот, со забелешка дека извештајот се заснова на податоци достапни до 10 април.

Најновите показатели сигнализираат благ пораст на БДП во првиот квартал, што го потврдуваат пролетните прогнози на владиниот совет на експерти и оние на водечките економски институти, забележува Министерството.

Во нивните заеднички економски прогнози, институтите предвидуваат раст на БДП во првиот квартал од 0,1 отсто, по намалувањето од 0,4 отсто во последните три месеци од 2022 година.

Индустриското производство забележително забрза во првите три месеци од годинава благодарение на континуираното нормализирање на состојбите во синџирите на снабдување и снабдувањето со суровини и умереното закрепнување во светот, се вели во извештајот.

Градежниот сектор, од друга страна, има корист од благата зима, се додава.

Од Министерството за економија зборуваат за „поволен почеток“ на годината. Благата зима и високиот степен на искористеност на складиштата на гас обезбедија доволно снабдување во Германија и во Европа, што се манифестираше со забележителен пад на цените на енергенсите, соопшти Министерството.

„Се очекува потрошувачкото расположение дополнително да се опорави во наредните месеци, иако ослабената куповна моќ поврзана со инфлацијата продолжува да тежи врз економијата“, се вели во извештајот.

Стапката на инфлација ќе остане висока, но според нивните проценки треба да се намали и во наредните месеци. Во 2023 година сега очекуваат инфлацијата да се движи од 5,4 до 6,6 проценти, а следната година значително да се забави, со прогнозиран опсег од 2,1 до 3,5 проценти.

Меѓу ризиците за економските прогнози, министерството ги издвојува слабата лична потрошувачка, влошувањето на условите во градежништвото, проблемите во финансиските институции и геополитичката неизвесност поради војната во Украина.

Тековните прогнози предвидуваат благ раст на бруто домашниот производ (БДП) во текот на 2023 година, соопшти Министерството, потсетувајќи дека водечките економски институти очекуваат раст на активноста за 0,3 отсто.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) оваа недела прогнозираше дека германскиот БДП оваа година треба да се намали за 0,1 отсто. Тие ја намалија и прогнозата за глобалниот економски раст на 2,8 отсто, додавајќи дека забавувањето на активноста треба да се „концентрира“ во развиените земји.