Германија воведува измени во начинот на добивање лични документи


Вадењето нова лична карта или пасош во Германија секогаш вклучува посета на канцеларијата за издавање документи за лична идентификација. Меѓутоа, во иднина, апликантите ќе имаат можност документот да им биде испратен по пошта директно на нивната домашна адреса.

Сојузното Министерство за внатрешни работи планира на граѓаните да им понуди можност за директна достава, изјави портпаролката на МВР на прашање на Deutsche Presse-Agentur.

Досега барателите за нов документ за лична идентификација вообичаено двапати мораа да одат во општинската канцеларија – да го поднесат барањето и потоа да го подигнат документот. Директното испраќање на нови документи за лична идентификација првпат беше објавено во средината на мај, кога беа укинати многу ограничувања за коронавирусот. Портпаролката не прецизираше време кога тоа директно испраќање би можело да стане возможно.

Ова е комплексен проект кој бара многу внатрешни промени во рамките на Федералната печатница која произведува документи и уреди за безбедна идентификација (Bundesdruckerei ) и исто така има значително влијание врз вообичаената практика во канцелариите за пасоши и лични карти, како и во канцелариите за странци. Портпаролката на министерството објасни дека се потребни технички и законски измени во изработката.

Здружението на градовите во Северна Рајна-Вестфалија веќе некое време бара Bundesdruckerei да испраќа документи за лична идентификација директно до граѓаните. Со тоа би им се олеснило и на граѓаните, и на администрацијата, изјавија пред шест месеци од општинското здружение на најнаселената сојузна држава. По две години корона со рестрикции, побарувачката, особено за пасоши, беше многу висока оваа пролет.

Според тоа, на многу места беше тешко да се закаже термин за новиот личен документ што беше потребен. Во тоа време, Сојузното Министерство за внатрешни работи објави дека Федералната печатница го истражува прашањето за испраќање нови лични документи директно до граѓаните.