Германија утре затвора три нукеларни централи

Преостанатите три нуклеарки ќе треба да се затворат до крајот на 2022 година


Нуклеарната централа Гронде е една од трите што треба да се затворат утре

 

Три нуклеарни централи ќе бидат исфрлени од мрежата во Германија во петок како дел од планот на земјата да стави крај на атомската енергија.

„Исклучувањето на нуклеарна енергија ја прави нашата земја побезбедна и помага да се избегне радиоактивен отпад“, рече федералната министерка за животна средина и нуклеарна безбедност, Штефи Лемке.

„Сега е од суштинско значење… да се унапреди потрагата по конечно складиште за радиоактивен отпад на високо ниво, како и трајни решенија за радиоактивен отпад од ниско и средно ниво“, рече Министерството за животна средина.

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел го забрза исклучувањето по несреќата во Фукушима во Јапонија во 2011 година.

Исклучувањето во петокот ќе ги погоди електраните во Брокдорф во Шлезвиг-Холштајн, Гронде во Долна Саксонија и Гундреминген Ц во Баварија.

Преостанатите три германски нуклеарни централи – Емсланд во Долна Саксонија, Исар 2 во Баварија и Некарвестхајм 2 во Баден-Виртемберг – ќе бидат затворени „најдоцна до крајот на 2022 година“, соопшти Министерството за животна средина.

„Од 2011 година, Германија повлекува линија под многу проблематичната технологија во уреден, сигурен процес“, рече Лемке.

Нуклеарките сочинуваат околу 10 отсто од производството на електрична енергија во Германија. Исклучувањето предизвика критики бидејќи Германија ќе мора драматично да ја зголеми обновливата енергија и исто така ја зголеми својата зависност од високо загадувачката енергија на јаглен.

„Безбедноста на снабдувањето во Германија продолжува да се гарантира“, рече Роберт Хабек, министер за клима и економија. Тој додаде дека сигурната и „одржливо генерирана електрична енергија“ е „централен услов за усогласување на нашата економија и индустрија кон климатската неутралност“.

Тој став го става Берлин во дебата со Франција, каде што нуклеарната енергија е најголемиот елемент од нејзиниот енергетски микс (а исто така помага и за снабдување на Германија).

Комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон, во септември рече дека постоечките нуклеарни централи, кои обезбедуваат електрична енергија со ниска содржина на јаглерод од суштинско значење за зелената транзиција, може да продолжат да работат „две, пет, 10 години“, додавајќи: „Зошто да се лишиме од овој производствен капацитет?”

Франција планира да го намали уделот на нуклеарната енергија во своето призводство на електрична енергија од 75 на 50 отсто до 2035 година, но претседателот Емануел Макрон во ноември рече дека Франција „ќе ја рестартира изградбата на нуклеарни реактори“ додека „продолжува да развива обновливи енергии“.

Макрон, исто така, рече дека Франција ќе инвестира 1 милијарда евра во истражување и развој, особено во мали модуларни реактори.

Белгија неодамна одлучи да ги затвори сите свои нуклеарни централи до 2025 година, но планира да инвестира 100 милиони евра во нова генерација нуклеарни реактори и истражувања.