Германија тестира до 500.000 граѓани неделно од корона вирусот


Германија во борба со коронавирусот ја воведува стратегијата што ја избра Јужна Кореа, што се сведува на многубројни тестирања и сместување на заболените во карантин, за да спречи преоптоварување на болниците.

Германија често се истакнува како пример во Европа поради пристапот кон епидемијата.  Германија спроведува помеѓу 300 и 500 илјади тестирања на коронавирусот неделно, повеќе од нејзините европски соседи, особено Франција што ги тестира само тешко заболените.

Во документот што го објави Министерството за внатрешни работи од Владата на канцеларката Ангела Меркел  се предвидува стратегија по примерот на Јужна Кореа, со најмалку 200.000 тестирања дневно.

Во иднина, сите што мислат дека имаат коронавируси, како и сите што биле во контакт со заболен ќе можат да се тестираат, се наведува во документот.

Тестирањата во овој момент се вршат на заболени лица што биле во контакт со лице позитивни на вирусот.

Во документот исто така се оценува дека геолокациите, што Сеул ги користеше, се „долгорочно неизбежни“ со цел популацијата да може да ги следи местата на кои се наоѓаат лица позитивни на коронавирусот.

-Јужна Кореа може да биде пример и покрај културните разлики помеѓу двете земји, истакна Лотар Вилер, официјален претставник на Институтот Роберт Кох, задолжен за борба со епидемијата во Германија.

Во Германија веќе се води расправа бидејќи во прашање е заштита на лични податоци, што Германците го сметаат за нешто многу важно по две диктатури во 20 век.

Во оваа фаза Германија има 650 починати лица, а 13.500 се оздравени од вкупно  67.051 заразени, така што ситуацијата не  е ни одблиску толку страшна како во другите земји.