Германија службено ги победи Зеленортските Острови, двајца ракометари се позитивни на Ковид-19


Интернационалната ракометна федерација, ИХФ, објави дека се појавиле два позитивни случаи на заразени играчи во селекцијата на Зеленортските острови (Капе Верде). Двајцата ракометари од оваа африканска репрезентација се испратени во изолација, но овој случај носи многу проблеми, пренесе СпортМанија.

Од Зеленортските острови тврдат дека двајцата позитивни на почетокот на јануари веќе биле позитивни, но пред патувањето во Египет имале негативни резултати на тестирањето за коронавирус, за што доставиле и документи како доказ. Проблем е што имаа контакт и со унгарските репрезентативци против кои играа во првото коло. Останатите членови на делегацијата на Капе Верде не мора да оди во изолација, но не смее да има контакт со претставници на ИХФ или противнички тимови.

Според правилата за Ковид-19 кои се применуваат на првенството, секој тим мора да има барем 10 играчи од кои еден голман, за да може да игра. Зеленортските острови допатуваа со само 11-мина играчи, па сега останаа со девет и нема да може да играат утре против Германија. Ова значи службена победа за Германците од 10-0.

Ако и на следното тестирање кое ќе биде 48 часа после ова на кое биле позитивни, пак двајцата играчи се позитивни, Зеленортските острови ќе претрпат и втор службен пораз. Неиграње на три меча значи автоматско исклучување од првенството.