Германија се подготви за зимата без руски гас, „Гаспром“ го намали снабдувањето на Франција

Германија е подобро подготвена за зима „отколку што беше предвидливо пред неколку месеци“ кога станува збор за снабдувањето со гас, изјави во вторникот германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Можеме многу добро да се справиме со заканите што ни доаѓаат од Русија“, рече Шолц пред седницата на владата.
Русија го користи гасот како стратегија во војната против Украина, тврди тој.
Германија гради терминали за течен гас на нејзините северни брегови „со чудесно темпо“, додаде тој.
Германскиот оператор на гасоводот Gascade во вторникот ги објави плановите за поврзување на нов терминал за течен природен гас во североисточниот град Лубмин со германската гасна мрежа до крајот на 2022 година. Единицата за регасификација на терминалот ќе ги поврзе Германија и Европа на долги цевководи до мрежата преку цевковод долг стотици метри.
Германија почна да ги полни складиштата за гас за да се подготви за зимата порано од претходните години поради стравувањата од ограничени или суспендирани испораки на гас од Русија.
Во исто време француската индустриска енергетска групација „Енџи“ во соопштение во вторник наутро рече дека руската гасна компанија „Гаспром“ ќе го намали снабдувањето со гас за Франција, што ќе стапи на сила денеска.
Намалувањето на понудата е „поради несогласување меѓу страните за примената на договорите“, според „Енџи“.
„Ова намалување е логично продолжување на неколкумесечните активности на ‘Гаспром’, кој не ги почитува неговите договори и ги намалува своите испораки на повеќето свои клиенти“, изјави за Си-Ен-Ен извор од кабинетот на француското Министерство за енергетика. „Ова ново намалување објавено од ‘Гаспром’ не ја загрозува нашата безбедност на снабдувањето“.
„Енџи“ исто така рече дека овие активности нема да влијаат на снабдувањето.
Компанијата „веќе ги обезбеди потребните количини за да обезбеди снабдување на своите клиенти и сопствени потреби“ и спроведе серија „мерки за значително намалување на директните финансиски и физички влијанија кои би можеле да произлезат од прекин на испораката на гас од ‘Гаспром’“, се вели во соопштението.