Германија се мачи да воведе карантин во новите жаришта на корона вирусот


Кланицата „Тониес“ во Северна Рајна Вестфалија која е големо жариште на инфекцијата (Фото: Ројтерс)

ФРАНКФУРТ – Властите во германските региони Гетинген и Северна Рајна Вестфалија ја повикаа полицијата да спроведе карантински мерки по порастот на локалните инфекции од корона вирус, што предизвика да скокне стапката на репродукција на вирусот на земјата.

Стапката на репродукција на нови коронавирусни инфекции во Германија се искачи на 1,79, соопшти во саботата Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) за јавно здравје, далеку над нивото што е потребно да се запре ширењето на подолг рок.

Бројот на потврдени случаи на коронавирус во Германија се зголеми за 687 на 189.822, покажаа податоците од РКИ во неделата.

Немири избувнаа во еден станбен блок во Гетинген во саботата, каде околу 700 луѓе беа ставени во карантин.

„Околу 200 луѓе се обидоа да излезат, но 500 луѓе ги почитуваа правилата за карантин“, рече Уве Луриг, шеф на полицијата во Гетинген, на прес-конференцијата во неделата.

Осум полицајци се повредени откако жителите почнаа да ги напаѓаат службениците за спроведување на законот со шишиња, петарди и метални шипки, рече Луериг.

Официјални лица во Северна Рајна Вестфалија принудија 6.500 вработени и нивните семејства да одат во карантин, откако повеќе од 1.000 вработени во германската фирма за преработка на месо „Тониес“ беа тестирани позитивно за корона вирусот.

Армин Лашет, премиер на покраината Северна Рајна Вестфалија ги повика конзуларните претставници од Полска, Бугарија и Романија да ги мобилизираат преведувачите да ги убедат работниците во локалната кланица да го почитуваат карантинот.

„Има 1.300 имоти каде живее персоналот и нивните семејства и каде треба да ги набљудуваме правилата за карантин“, рече Лашет на прес-конференцијата во неделата, објаснувајќи дека помагаат локалната полиција и службениците од јавниот ред.

„Треба да им објасниме на луѓето дека ако се заразени, не треба да бараат да се вратат во нивните матични земји. Нивната најдобра шанса е да останат во Германија каде ќе ја добијат најдобрата здравствена заштита“, рече Лашет. (Ројтерс)