Германија: Се бараат 4.000 доброволци за корона-експеримент на концерт


Германски научници бараат 4.000 доброволци за присуство на концерт на поп музика за да помогнат во проценка на ризикот од пренесување на вирусот на големи манифестации. Учесниците мора претходно да се негативни на тест

 

Додека Германија работи на тоа љубителите на спортот да ги врати повторно на трибините, тим истражувачи од Универзитетската клиника во Хале, источна Германија, организира експеримент во кој илјадници доброволци би присутвувале на концерт на поп музика.

Научниците се надеваат дека ќе успеат да регрутираат 4.000 учесници кои на 22 август би се собрале во арената во Лајпциг. Доброволците, на возраст од 18 до 50 години, претходно ќе бидат тестирани на коронавирус, а учество ќе им биде дозволено само на тие чиј резултат е негативен.

На концертот ќе настапи популарниот поп пејач Тим Бенцко, за „однесувањето на публиката да биде што поблиско до реалноста”, најавија организаторите.

Секои пет секунди

Учесниците ќе мора да носат ФФП2 филтер маски, а ќе биде користено и флуоросцентно дезинфекциско средство кое, покрај тоа што пружа уште еден слој заштита, на научниците ќе им овозможи да следат кои површини публиката најчесто ги допира. Најважно сепак ќе биде што доброволците ќе добијат апарат со кој ќе се следи нивното движење и оддалеченоста од останатите присутни.

„Мислам дека најголем предизвик ќе биде проценката на податоците”, изјави шефот на проектот Штефан Мориц за новинската агенција ДПА. „Затоа што ќе добиеме податоци за контактите со сите останати учесници во радиус од 30 метри, секои пет секунди во текот на целиот ден”, објаснува тој.

Три сценарија

Организаторите разгледуваат тестирање според три можни сценарија. Првото ќе биде она што инаку би се нарекувало контролна група – значи сѐ како и пред короната: публиката влегува на два влеза, нема задолжително растојание и слични мерки на претпазливост. Другото сценарио е со построги хигиенски мерки, побавно влегување на учесниците, односно отворање повеќе влезови и правила за растојание. Третото сценарио е со доброволци кои седат на трибините оддалечени 1,5 метри меѓусебно. За ова сценарио се потребни само 2.000 доброволци во арената која има капацитет да прими околу 12.000 луѓе.

Проектот би требало да помогне за „идентификување на условите под кои уметниците и спортистите би можеле повторно да настапуваат, од 30 септември, од кога во Германија повторно би требало да бидат дозволени манифестации со голем број луѓе”, наведуваат истражувачите на својата веб страница. Покрај тоа би требало да се утврди со колку други луѓе посетителот има контакт при доаѓањето на концерт.

Научниците се надеваат дека експериментот ќе им помогне да смислат математички модел кој би се користел за спречување на ширње на инфекцијата на масовни манифестации. Првите резултати на студијата се очекуваат четири до шест недели по концертот, на крајот на септември.

На својата веб страница екипата истражувачи предупредува на опасноста од пандемијата на коронавирус. „За да се избегне опасноста, мораше да бидат донесени тешки одлуки”, напишаа научниците од Хале. Истовремено, тие констатираат дека трајната забрана на масовни манифестации претставува „егзистенцијална закана за многу спортисти и уметници, чии приходи зависат од публиката.” (Дојче веле)