Германија повторно е во два дела: Изборната мапа покажа длабоки поделби

Резултатите од изборите за Европскиот парламент во Германија јасно покажаа дека земјата е политички поделена на два дела. И тоа речиси точно на границата на поранешната Источна Германија и старата Сојузна Република Германија.
Хендрик Вуст (ЦДУ), премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во поранешна Западна Германија, сега води кампања за посилна размена меѓу истокот и западот на земјата – и се залага за верзија 2.0 на Договорот за обединување.
Тој верува дека многу луѓе од Северна Рајна-Вестфалија никогаш не биле во германските земји на исток.
„Некои луѓе ја познаваат Мајорка подобро од Саксонија или Тирингија. Дотолку повеќе вреди да се обидеме да ги вратиме луѓето заедно“, изјави тој за Die Welt.
Вуст, исто така, се залага за обновување на таканаречената „тркалезна маса“, која се покажа успешна во времето на германското обединување во октомври 1990 година.
Гледајќи го актуелното општество на Исток и Запад, премиерот на Северна Рајна-Вестфалија би сакал да се врати овој „отворен пристап кон дијалогот“.
„Ајде да седнеме на маса наместо да си викаме оддалеку, затоа што е важно да се поврзете со луѓе чии ставови не ги делите“, посочи тој.
Граници како во студената војна
Како што покажува мапата на резултатите од европските избори, во изборните единици во старите сојузни држави, најголем дел од изборните победи остварија ЦДУ и ЦСУ – ова е со црно прикажано на сликата. Неколку големи градови (Хамбург, Кил, Минстер, Хајделберг, Фрајбург) се обоени со зелена боја, а црвената боја ги претставува последните бастиони на социјалдемократијата на СПД (Бремен, Бремерхавен, Херне).
Спротивно на тоа, АфД доминира во „новите“ федерални држави кои некогаш биле дел од Источна Германија. Единствен исклучок се федералниот главен град Берлин и соседните Потсдам (Зелени) или Потсдам-Мителмарк и градовите Јена, Вајмар и Ерфурт (ЦДУ).
За ЦДУ гласаше и округот Ајхсфелд во Тирингија, инаку „границата“ меѓу западот и истокот всушност точно би одговарала на поранешната граница меѓу Сојузна Република и тогашната Германска Демократска Република.
Емоционалното единство се распаѓа
По силниот резултат на АфД на европските избори во источна Германија, премиерот на Тирингија, Бодо Рамелов, предупреди на продлабочување на јазот меѓу источните и западните Германци 33 години по повторното обединување.
„На социјалните мрежи сега по европските избори читам реченици од типот: „Каде е благодарноста на источногерманците? Тоа се прашања кои сега не ни требаат“, рече Рамелоу, пренесува Die Welt.
Тој додава дека Истокот нема за што да се извинува.
„Напротив, треба да се гледа како можност. Наместо тоа, емоционалното единство се повеќе се распаѓа. Фактот дека се очекува благодарност од Источните Германци дополнително го потхранува овој јаз“, додаде Рамелоу.
Во Саксонија, АфД освои најмногу гласови на неделните европски избори.
Весникот Билд го нарече неверојатно што досега само руралните области (особено Источна Саксонија и Рудните Планини) се сметаа за класично упориште на AfD, а партијата не само што успеа да ги одбрани овие позиции, туку беше прва во сите саксонски области. За прв пат доминираше и во големите градови Дрезден, Лајпциг и Кемниц