Германија: Почнува тестирање на вакцина против Ковид-19


Германскиот Институт Пол-Ерлих, кој е надлежен за издавање дозволи за клинички тестови, како и за вреднување и одобрување вакцини во земјата, му даде зелено светло на биотехнолошкото претпријатие од Мајнц, БиоНТех, за спроведување тест-вакцинирање на луѓе, соопштено е денеска во Ланген.

Ова, според Институтот Пол-Ерлих, е четврта дозвола издадена во светот за тестирање на потенцијална вакцина – превентивно, специфично средство против Ковид-19 врз здрави луѓе- доброволни кандидати. Во првата фаза ќе се тестираат различни дози врз 200 здрави лица на возраст од 18 до 55 години, во втората фаза средството ќе се дава на лица од ризични категории.

Со оглед на тешките последици на пандемијата на коронавирус, дозволата претставува „значаен чекор за во Германија што е можно побрзо да се развие сигурна вакцина против Ковид-19 и што е можно побрзо да биде ставена на располагање во цел свет“, се вели од Институтот. Според информациите оттаму, во следните месеци се очекуваат натамошни клинички тестирања на потенцијални средства за вакцина против Ковид-19. (Дојче веле)