Германија ќе обезбеди 22 милијарди евра помош за компаниите во првата половина од идната година

Германија очекува да исплати финансиска помош до 22 милијарди евра од јануари до јуни 2021 година за компаниите и самовработените поради пандемијата на новиот коронавирус.

Пакетот помош на Германија во ноември за обештетување на компаниите погодени од рестриктивни мерки ќе изнесува 14 милијарди евра, откри извор запознат со таа тема за ДПА.

Владата првично очекуваше да плати 10 милијарди евра.

Советот на економски советници на германската Влада очекува германската економија да се намали помалку отколку што првично се проценуваше благодарение на поуспешното лето, но вториот бран на коронавирусот дополнително го наруши очекуваниот раст за 2021 година.

Според новиот пакет помош, компаниите можат да добиваат до 200.000 евра месечно за да плаќаат фиксни трошоци како што е наемнина, а трговците поединци можат да добијат и до 5.000 евра.

Германија има доволно фискална моќ да обезбеди дополнителна финансиска помош доколку е потребно, рече во четвртокот германскиот министер за финансии Олаф Шолц. Германија планира да се задолжи 300 милијарди евра оваа и следната година, но мора внимателно да размисли кои мерки имаат смисла, додаде Шолц.

Според економски проценки, Германија им дала на компаниите и граѓаните околу 8,3 проценти од својот БДП во форма на неповратни средства, нешто помалку од САД, што дадоа околу 9,1 процент.