Германија надмина 100.000 смртни случаи од Ковид-19, регистриран нов дневен рекорд на новозаразени

Германија – Германија ја надмина бројката од 100.000 смртни случаи од Ковид-19 и објави рекордно високо ниво во бројот на новозаразени и бројки за инциденца од седум дена.

Бројките од Институтот за контрола на болести Роберт Кох (РКИ) објавени рано утрово покажуваат дека од почетокот на пандемијата во земјата починале 100.119 луѓе од или со Ковид-19.

Бројот на регистрирани новозаразени во еден ден, исто така, за првпат помина 70.000, при што здравствените власти пријавија 75.961 случај за 24 часа. Ова се споредува со 65.371 нови инфекции една недела порано.

Последната седумдневна инциденца е 419,7 – уште еден рекорд од почетокот на пандемијата. Еден ден претходно беше 404,5, а една недела претходно беше 336,9. Бројката означува заразени на 100.000 луѓе во последната недела.

Во последното деноноќие регистрирани се 351 нови смртни случаи, во споредба со 264 една недела порано.

Институтот регистрира 5.573.756 заразени со коронавирус од почетокот на пандемијата. Се смета дека вистинската бројка е многу поголема, бидејќи многу случаи остануваат неоткриени.

Бројот на оздравени од коронавирус во Германија сега достигна 4.744.400 луѓе.