Германија го продава својот удел во „Луфтханза“


Германската влада планира да продаде околу една четвртина од својот 20-процентен удел од акциите во Луфтханза во наредните недели, објави денеска германската финансиска агенција, повикувајќи се на позитивните деловни трендови на таа авиокомпанија.
Акциите на Луфтханза паднаа за дури 4,9 проценти, на 8,81 евра во утринското тргување, пренесува Ројтерс.
Државата се здоби со 20 проценти сопственички удел за 300 милиони евра како дел од помошта за спасување на германската авиокомпанија, која, како и целиот воздухопловен сектор во светот, беше погодена од кризата со корона вирусот.
Луфтханза доби пакет финансиска поддршка од 9,0 милијарди евра од Германскиот фонд за економска стабилизација (WSF), формиран за да им помогне на компаниите да ги надминат последиците од пандемијата.
WSF соопшти дека пред крајот на 2023 година ќе го продаде целиот свој удел во Луфтханза, кој во моментов вреди повеќе од една милијарда евра.
Луфтханза планира да издаде нови акции, најверојатно пред парламентарните избори на 26 септември, што ќе ѝ овозможат да ги врати парите од пакетот помош за спасување на даночните обврзници.
Акционерите одобрија потенцијално зголемување на капиталот на компанијата до 5,5 милијарди евра.