Германија го одложи министерскиот состанок на ЕУ за 17 ноември. Причина – карантинот на Михаил Рот

Корона вирусот ѝ даде уште малку простор на дипломатијата, барем што се однесува на вжештениите барања на Бугарија за големи отстапки од Македонија за да може да ја одобри преговарачката рамка со ЕУ. Германија го одложи министерскиот состанок на ЕУ (ГАК) од 10 за 17 ноември. Оваа одлука ја потврди портпаролот на германското претседателство. На него требаше да се донесе конечна одлука за форматот на преговарачката рамка за Македонија и Албанија и да се утврди датумот на првата меѓувладина конференција.

Причината не се последните дипломатски напори за расплеткување на јазолот што го заплетка Софија, туку фактот што германскиот министер за Европа, Михаил Рот, е во карантин по средбата со бугарската делегација во понеделникот вечерта во Берлин. Тогаш во германскиот главен град се одржуваа разговори меѓу македонските министри Никола Димитров и Бујар Османи и шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева. Потоа се испостави дека заменикот на Захариева бил позитивен на Ковид-19 и како што соопшти германското министерство за надворешни работи по наредба на лекар шефот на дипломатијата Хајко Мас и министерот за Европа Рот мораа да заминат во двонеделен карантин. Во карантин е и Захариева, но не и нашите двајца министри.

Денеска се одржува состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ на кој треба да биде формулирана преговарачката рамка за македонија. Доколку и денеска нема решение поради желбите на Софија кои не ги поддржува никој во ЕУ, високата и невидливата дипломатија ќе има време уште десет дена да изнајде решение до состанокот на министрите. (Н.В.)