Германија, Франција и Велика Британија го повикаа Иран да го почитува нуклеарниот договор од 2015 година


 Германија, Франција и Велика Британија денеска го повикаа Иран да се откаже од последното планирано кршење на нуклеарниот договор со светските сили од 2015 година, соопштувајќи дека  Техеран „нема убедлива причина да го користи металот ураниум “, чие производство го најави.

Во заедничката изјава на германските, француските и британските министерства за надворешни работи се наведува дека трите земји се длабоко загрижени за „последниот потег на Иран“ и дека Техеран не дал убедливи причини зошто би производувал метален ураниум за цивилна употреба.

Трите земји, исто така, во соопштението нагласуваат дека производството на метален ураниум има „потенцијално сериозни воени импликации“ и го повикаа Иран да престане со оваа активност и без одлагање да се врати на почитувањето на своите обврски од Заедничкиот сеопфатен акциски план (JCPOA) доколку сака да го зачувува овој  договор, пренесуваат американските медиуми.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) пред два дена сооошти дека Иран објавил дека почнал со инсталирање опрема за производство на ураниум во метална форма.

„Оваа постапка Техеран ја објасни со држење до претходните планови за истражување и развој на производството на метален ураниум со цел да дизајнира подобрен вид на гориво“, соопшти МААЕ.

Металниот ураниум може да се користи и за нуклеарна бомба, меѓутоа, иранското истражување е посебно забрането со нуклеарниот договор JCPOA од 2015 година што Техеран го потпиша со Германија, Франција, Велика Британија, Кина, Русија и САД.

Откако САД еднострано се повлекоа од договорот од 2018 година, другите членки работат на неговото зачувување, а новоизбраниот претседател Џо Бајден, кој беше потпретседател кога беше потпишан договорот за време на администрацијата на Обама, изјави дека се надева САД повторно да се придружат, соопштија американските медиуми.