Германија е против брзо отворање на туризмот


Не смееме да дозволиме да се доведат во прашање тешко стекнатите успеси, вели шефот на дипломатијата Хајко Мас

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, предупреди дека не треба премногу брзо да се отворат туристичките дестинации, велејќи дека Европа треба да се согласи на заедничкиот пат за враќање на слободата на патувањето.

„Европска трка за да се види кој прв ќе дозволи туристички патување ќе доведе до неприфатливи ризици“, изјави Мас за весникот „Билд ам Сонтаг“.

Мас се осврна на високата стапка на инфекција во австриското скијачко одморалиште Ишгл, каде се верува дека биле заразени многу германски туристи. „Веќе искусивме што може инфекциски кластер во популарно одморалиште да направи во матичните земји на туристите. Ова не смее да се случи повторно“, рече тој.

Стотици туристи од повеќе земји, вклучително и Германија, Норвешка и Исланд, се верува дека биле заразени во Ишгл, кој е во близина на местото каде што се среќаваат Австрија, Швајцарија и Италија и е познат по својата забавна сцена. Вирусот се раширил во Ишгл еден месец пред местото да биде ставено во карантин на 13 март.

Мас рече дека Европа треба да се согласи на заеднички критериуми за да се врати назад кон слободата на патувањето „што е можно побрзо, но и одговорно колку што е неопходно“.

„Не смееме да дозволиме тешко стекнатите успеси во последните неколку недели да бидат уништени“, рече Мас, додавајќи дека во спротивно ќе има ограничувања за патувања многу подолго.    (Ројтерс)