Германија е пaк најпочитувана држава во светот


Германија го задржала и го подобрила имиџот на омилена глобална сила во 2019 година, покажува анкета на Галуп. САД, Кина и Русија се борат за далечното второ место на листата

Германија ја задржа својата позиција како најценета држава во светот трета година по ред и во 2019 година, додека рејтингот на САД и натаму е далеку понизок од оној кој земјата го имаше за време на претходната администрација, покажува анкета на Галуп. Со рејтинг на поддршка од 44% Германија ги надминува САД за 11%.

Со оглед на тоа што анкетата е спроведена пред почетокот на пандемијата, рејтингот на САД би можел уште повеќе да се намали поради начинот на кој Вашингтон се справува со коронавирусот.

Надолна линија со Трамп

За време на претходната администрација на Барак Обама од 2009 до 2017, САД го уживаа статусот на најпочитувана земја во светот, со исклучок на 2011-та, кога Германија беше пред нив. Кога Доналд Трамп беше избран за претседател, рејтингот на земјата отиде во надолна линија, паѓајќи 18 процентни поени на историски најниски 30%.

Рејтингот на САД во 135 држави во светот се подобрил минимално во 2019 на 33%, но сѐ уште е еден процент понизок од претходно најнискиот од 34% кој беше забележан во 2008 година, за време на администрацијата на Џорџ Буш.

Неодобрувањето на лидерството на САД е најсилно во Европа, каде рекордни 61% од испитаниците се разочарани од актуелната администрација. Само три држави во Европа со одобрување гледаат на САД: Косово, Албанија и Полска.

Во Африка, состојбата е нешто попозитивна за имиџот на Вашингтон, но поддршката од 52% исто така е далеку пониска од онаа во 2009 година, кога достигна 85%, веднаш по изборот на Обама.

Кина и Русија се веднаш зад САД во анкетата со поддршка од 32% односно 30%. Во 2018 година Кина се најде пред САД на листата со рејтинг на одобрување од 34%. (Дојче веле)