Германија до Унгарија – покажи „одговорност“


Големото прашање е сега дали договорот за буџет може да се спроведе наскоро, бидејќи сè уште треба да биде усвоен од земјите на ЕУ со едногласност. Унгарскиот премиер Виктор Орбан веќе се закани дека ќе го искористи своето вето, наведувајќи го несогласувањето со механизмот за поврзување на плаќањата со одредени критериуми за владеење на правото. Реагирајќи на последната закана за вето од Будимпешта, германскиот министер за европски прашања Михаел Рот ја повика Унгарија да се однесува одговорно, пишува европското издание на „Политико“.

„Сега најдовме решение што е поддржано од огромно мнозинство во Советот и сите сега мора да преземат одговорност“, изјави Рот за „Политико плејбук“. „Сега Европската унија мора да покаже дека е подготвена да излеземе заедно од оваа криза солидарно. Патем, Унгарија исто така има корист во мерка која не е незначителна од повеќегодишната финансиска рамка и фондот за обновување на ЕУ од следната генерација“.

Кога станува збор за фондот за закрепнување, постои дополнителна пречка бидејќи многу национални влади сè уште треба да го дадат своето одобрување. Тука Германија сака „да даде добар пример“ со завршување на сопствената национална ратификација пред крајот на годината, рече Рот, додавајќи дека е оптимист оти другите земји наскоро ќе го следат водството на Берлин: „Јас цврсто верувам дека на почетокот на следната година – иако не можам да ви кажам точен месец – ние ќе создадеме услови да обезбедиме парите да стигнат таму каде што се потребни“.