Германија: 2.500 евра казна за родителите кои не ги вакцинираат децата против морбили


Германскиот министер за здравство Јенс Шпан од редовите на Христијанско-демократската унија најави закон со кој со парични казни од 2.500 евра ќе се казнуваат родителите кои не ги вакцинираат своите деца против мали сипаници.

– Наша цел е да се спречи децата да се заразат од морбили. Поради тоа сите деца во градинките и училиштата мора да имаат потврда дека се вакцинирани, изјави Шпан за деснешното издание на весникот „Бил ем Зонтаг“.

За родителите кои не го почитуваат законот предвидени се парични казни и забрана да ги носат децата во градинка. Исклучување на децата од училишната настава не е можно поради задолжителното образование.

Родителите на децата кои веќе се во градинки и училишта имаат време во рок од една година треба да донесат потврда за имунизација.

Според статистиката на Епидемиолошкиот институт Роберт Кох, 93 отсто од децата во Германија се вакцинирани против морбили. За искоренување на оваа болест, според експертите, неопходна е стапка од 95 отсто.

– Сакам да ги искорениме малите сипаници. Но 95 отсто не можеме да оствариме без оглед на сите кампањи и апели. Поради тоа мораме да посегнеме по вакви мерки, истакна Шпан, кој верува дека законот ќе биде донесен во брза парламентарна процедура.

Во последните месеци, во повеќе делови на Германија беа затворани училишта и градинки поради големиот број деца заразени со морбили. Вакцинацијата во Германија досега беше на доброволна основа.