Германците сѐ почесто се на боледување поради психички проблеми


Вработените во Германија минатата година поминале 130 милиони денови на боледување поради психолошки проблеми и нарушувања во однесувањето.

Тоа е четири милиони повеќе отколку во 2021 година, покажуваат податоците на Министерството за труд.

Економската загуба поради овие боледувања изнесува околу 17,2 милиони евра, соопшти министерството во одговор на прашање на пратеничката група на Левица во Бундестагот.

Левицата тврди дека и боледувањата и трошоците се на рекордно високо ниво.

Жените лани имале 77 милиони денови боледувања поради психички проблеми, два милиони повеќе од 2021 година, а мажите 53 милиони денови, што е исто така зголемување за два милиони.

Според министерството, причините за боледување се сложени.

Покрај факторите кои влијаат на општеството во целина, како што се последиците од актуелните кризи, „се претпоставува дека причините се и зголемената отвореност во справувањето со менталните болести“.

Вработените се погодени од кризи и промени како што се дигитализација, климатска транзиција, стареење на општеството и недостаток на квалификувани работници.

Особено страдаат вработените во области како што се здравствената заштита, грижата и образованието, изјави левичарската политичарка Сузана Фершл за Rheinische Post.

„Владата мора конечно да направи нешто, да одвои пари и да преземе конкретни мерки за да се прекине маѓепсаниот круг на превработеност и недоволно персонал“, рече Фершлова.

Според податоците на Заводот за заштита на трудот, лани имало вкупно 888,9 милиони денови боледување. Загубите изнесуваат 118 милијарди евра.