Германците нагрнаа во Полска да купуваат петарди и огномети

Огнометите и петардите се забранети во Германија втора година по ред поради ковидот. Во Полска тоа е слободно


Огномет над Бранденбуршката порта во Берлин за време на Нова година (Фото: АП)

 

Германците кои се обидуваат да ѝ пркосат на владината забрана за домашна продажба на огномет пред новогодишните прослави, во колони се упатуваат преку границата кон полските продавници и фабрики.

Овој месец беше објавена забрана втора година по ред во обид да се спречат големите собири за време на пандемијата и да се олесни товарот на болниците, кои редовно треба да лекуваат сериозни повреди како што се изгореници и раскинати екстремитети како резултат на пиротехнички несреќи.

Тоа е една од низата пост-божикни мерки што се воведуваат додека Германија се подготвува за нов бран на корона вирусот предизвикан од варијантата Омикрон. Во новогодишната ноќ, приватните собири ќе бидат ограничени на максимум 10 лица кои се вакцинирани или закрепнати, со исклучок на децата до 14 години. Клубовите и дискотеките не смеат да се отвораат, а рестораните можат да работат само под строги услови.

Во една фабрика за огномет во Слубице, западна Полска, блиску до германската граница, луѓето кои патувале од цела Германија пријавиле дека чекале во ред до три часа оваа недела, полнејќи ги автомобилите и комбињата пред прославите на таканаречениот „Силвестер“, кои се именувани по еден папа од четвртиот век и се клучен настан во германскиот календар.

Дозволено се 50 килограми стока по возило, а дополнителна полиција е во областа за да изврши случајни проверки, според извештаите на медиумите.

Мнозинството Германци ја поддржуваат забраната, според неодамнешната анкета на YouGov спроведена за новинската агенција ДПА. Истражувањето покажа дека 66% се за одлуката, додека 27% рекле дека е погрешна.

Пиротехничката индустрија најави дека ќе преземе правни мерки, нарекувајќи го нефер тоа што на клиентите им било дозволено да внесуваат огномет од странство и тврдејќи дека сериозните повреди се „практично невозможни“ доколку производите се користат како што е наведено во упатствата.

Многу несреќи се предизвикани од луѓе кои користат петарди и огномети.

Германските производители на огномет прават околу 95% од нивниот годишен промет од околу 200 милиони евра во три дена пред почетокот на годината кога вообичаено е дозволено да се продаваат огномети. Германија е најголемиот пазар во Европа, еднаков на оној на САД. Некои производители рекоа дека веруваат дека пандемијата се користи како изговор за да се притисне индустријата во банкрот. (Според агенциите)