„Гересхајмер“ ја зголемува инвестицијата во ТИРЗ Скопје за повеќе од двојно


Германската компанија „Гересхајмер“ ја зголемува иницијалната инвестиција во ТИРЗ Скопје за повеќе од двојно.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски, кој ја посети компанијата во Германија, разговараше со нејзиниот потпретседател Оливер Бургел за спроведувањето на договорот за проширување, кој е постигнат лани. Договорот, како што информираа денеска од Дирекцијата на ТИРЗ, веќе е во завршна владина процедура на одобрување.

Деспотовски ги посети производствените погони во „Гересхајмер“ каде со високо-напредна технологија се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло и пластика. Дел од оваа технологија се користи и за производство во фабриката во Скопје.

Со новиот концепт на ТИРЗ за привлекување инвестиции, Деспотовски очекува во скоро време интензивните преговори да резултираат и со нова високотехнолошка инвестиција која носи голема додадена вредност, односно високи плати и поголем придонес во државниот буџет.

– Со зголемувањето на обемот на инвестиции, „Гересхајмер“, презема обврска и за отворање на дополнителни 200 работни места, а на среден рок да го удвои овој број. Просечната плата во фабриката е двојно над државниот просек, велат од Дирекцијата на ТИРЗ.

„Гересхајмер“ е водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика, како шприцеви, канели, шишенца за вакцини и сл. Компанијата има погони за производство во Европа, Северна и Јужна Америка и Азија со околу 10.000 вработени и остварува приходи од приближно 1,4 милијарди евра.

Од ТИРЗ информираат дека во 2021 се постигнати договори за инвестиции во вкупен обем од 188 милиони евра кои треба да донесат нови 2.700 работни места, а во напредна фаза на преговори, каде компаниите имаат доставено најмалку официјално писмо за намери, се дополнителни инвестиции близу 300 милиони евра со нови над 1.500 вработувања.