ГЕРБ распали по Петков: „Ќе капитулираме и за Украина и за Македонија“
Владата на бугарскиот премиер Кирил Петков е на бришан простор нападнатa од сите – и од опозицијата, но и од коалициските партнери во неа. Војната во Украина и блокадата на Македонија целосно ја разнишаа нејзината структура.
Опозициската партија на поранешниот премиер Бојко Борисов, ГЕРБ, го обвинува Петков дека Бугарија ќе загуби на „двата фронта“. ГЕРБ е отворено да се испрати воена помош за Украина, додека владата не може да се реши за тоа. Влијателниот пратеник од ГЕРБ, Тома Биков, вели дека ставот на Софија кон Украина ја ослабил позицијата на Бугарија во Европската унија. И дека Брисел го поврзува почетокот на преговорите со Македонија токму со руската агресија на Украина.
„По двете прашања ние сме на пат да капитулираме. И тоа на најлошиот начин за нас“, вели Биков во разговор за порталот „Пик“. „Не може да си ги ослабуваме позициите со тоа што ќе прогласуваме некаква неутралност кон Украина, а потоа одиме во Брисел и таму велиме – не ја пуштаме Македонија. За нас како нација е поважна темата ‘Македонија’, бидејќи таму имаме Бугари“, вели Биков.
Според него, посетата на Битола била политичка катастрофа, затоа што Петков отишол таму со цела државна делегација, а не бил примен од ниту еден македонски раководител. А во исто време, беше во Турција на средба со претседателот Ердоган. Таму Ердоган ги примил на највисоко државно ниво, а Петков заминал само со неколку советници.
Околу односите со Македонија Биков вели дека партијата на премиерот, Продолжуваме со промената, презела обврски кои сега Петков требало да ги исполни, наводно, зад грбот на останатите во коалицијата. „Ако не ги исполни ќе падне владата, ако ги исполни – пак ќе падне владата“, вели Биков.