ГЕРБ предложи неврохирург за премиер за да го „закрпи“ бугарското општество

Николај Габровски сака да состави влада на експерти која ќе биде „подеднакво оддалечена од сите партии“


Николај Габровски е врвен специјалист во својата област

 

Победникот на изборите во Бугарија, партијата ГЕРБ, го предложи водечкиот неврохирург во земјата, Николај Габровски, за кандидат за премиер. Тоа се дозна во  понеделникот претпладне кога претседателот Румен Радев му го врачи мандатот за состав на кабинет. Габровски има седум дена да го предложи составот на владата.

Габровски објасни дека ќе се потпре на експерти и ќе разговара со сите партиии.

Од партиите Продолжуваме со промената, Демократска Бугарија и БСП однапред порачаа дека нема да поддржат влада со првиот мандат на ГЕРБ.

Габровски е началник на Клиниката за неврохирургија во болницата „Пирогов“ и заменик-директор на болницата.

„За мене е должност и прашање на чест да вложам максимални напори Бугарија да има работна влада. За жал, Бугарија во моментов е на крстопат на многу кризи – економска, социјална. За жал, имаме и постојана политичка криза, Ќе ги вложам сите можни напори да предложам кабинет што е подалеку од политички разговори, подалеку од конфронтација и поблиску до стручност, до професионалност, за Бугарија полесно да го помине овој тежок момент“, рече Габровски.

По добивањето на мандатот за формирање влада, Габровски рече дека неговата личност е „подеднакво оддалечена од сите партии, консензуална и дијалошка“.

Тој посочи дека ќе бара дијалог со сите и ќе се заложи за промена на политичкиот тон. Во моментов тој го нема подготвено составот на кабинетот што ќе го предложи.

„Вратите ќе бидат отворени за сите. Денеска ги започнуваме разговорите. Доколку Бугарија оди на нови предвремени избори, ќе изгубиме време, пари и авторитет“, посочи Габровски.

Тој рече дека е оптимист дека ќе успее и не одговори на конкретно прашање дали е подготвен да понуди малцински кабинет доколку не добие доволно поддршка.

Кандидатот за премиер предложен од ГЕРБ ќе има рок од седум дена да му предложи на шефот на државата структура и состав на предлог-кабинет или да го врати мандатот неисполнет.

Доколку биде неуспешен, Радев ќе го врачи вториот мандат кој ќе го добие ПП.

Ќе биде потребна една недела за повторно да се врати.

Третата ситуација е малку поинаква – мора да се предаде во рок од 7 дена на формација што ќе ја избере шефот на државата, која ќе има исто толку време, но да предложи кандидат за премиер.

После тоа практично нема рок за враќање на мандатот.

Радев веќе најави дека доколку не се формира кабинет, во март ќе се одржат предвремени избори.