ГЕРБ победи на изборите во Бугарија, ВМРО изгледа ќе влезе во парламентот
Излезната анкета на агенцијата „Алфа рисрч“ покажува дека ГЕРБ, партијата на сегашниот премиер Бојко Борисов, победи на денешните избори во Бугарија и дека новиот парламент ќе биде многу пошаронолик од досегашниот. Според овие анкети, Бугарската социјалистичка партија (БСП) доживеа изборна катастрофа, затоа што е едвај малку понапред од новата партија на шуменот Слави Трифонов, Има таков народ. ВМРО е малку над самиот раб на влезот во парламентот.
ГЕРБ, според оваа излезна анкета има 25,7 отсто од гласовите, БСП 17,6, а Има таков народ со дури 15,2 проценти. Зад нив партијата на етничките Турци ДПС со 11 отсто, а одличен резултат има и Демократска Бугарија со 10,4 отсто.
На границата за влез во парламентот се Исправи се! Мутри надвор! со 4,2 и ВМРО со 4 отсто.
Но овие анкети треба да се земат со резерва иско го покажуваат изборното расположение, затоа што во нив не се пресметани гласовите на Бугарите во странство кои може да ја променат сликата особено за двете последни партии кои се борат да го преминат изборниот праг.
Според овие податоци ГЕРБ во новиот парламент би имал 70 пратеници, БСП 48, Има таков народ 41, ДПС 30, Демократска Бугарија 28, Исправи се! Мутри надвор! – 12 и ВМРО со 11. Вкупниот број на пратеници во собранието е 250.
На изборите во 2017 година ГЕРБ освои 95 пратеници, БСП 80, ДПС 26, а колаицијата околу ВМРО „Обединети патриоти“ 27, а во парламентот беше и десничарската Волја со 12 пратеници.
Сега бугарскиот праламент изгледа сосем поинаку без оглед што ГЕРБ повторно има најмногу пратеници и масовните протести минатото лето поради големата корупција ја сменија политичката слика.
Бојко Борисов сигурно прв ќе го добие мандатот да формира влада, но кои би биле неговите партнери во разговорите барем вечерва е многу тешко да се претпостави. ГЕРБ би можел да преговара со партијата на Слави Трофонов и ВМРО но нема да има мнозинство, така што изгледа дека партѕијата на Турците, ДПС, ќе биде главниот играч во постизборните математики.
Излезноста на изборите беше помала од пред четири години – околу 48 отсто. (Н.В.)