ГЕРБ ќе бара ЕПП да ја исклучи ВМРО-ДПМНЕ од членство


 

Европратениците на ГЕРБ ќе побараат постапка за исклучување на македонската ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицкоски, од Европската народна партија (ЕПП). Ова за БНТ го изјави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

„Тие (ВМРО-ДПМНЕ) на секој начин докажуваат дека сакаат да бидат со Фидес на Орбан и се оддалечуваат од вредностите на ЕПП и европската демократија“, нагласи Ковачев и прецизира дека нивните европски партнери биле информирани за ваквото однесување. 

„Луѓето од двете страни на границата се сакаат и си помагаат. Говорот на омраза доаѓа од врвот, од политичката класа и медиумите, кои се многу силно поврзани со Југославија и српските служби. Има јасна желба на сегашното раководство на Република Северна Македонија да не продолжи по патот на европската интеграција. Тие бараат изговор за својата јавност зошто тоа не може да се случи, а изговорот е, се разбира, со клеветење на Бугарија “, истакна Ковачев.

Истовремено лидерот на Преродба Костадин Костадинов побара да се донесе декларација на Народното собрание со која Бугарија ќе ги информира своите партнери во Европската унија (ЕУ) за тоа што се случува од другата страна на границата – дека има саботажа против паневропските политики и дека еден од нив е Коридорот број 8.

„Кога сакате да бидете во заеднички европски дом, мора да ја почитувате политиката на овој заеднички европски дом. Еден од условите е да имате политика на добрососедство. Потпишавме Договор за пријателство и добрососедство со Северна Македонија. што во моментов гледаме дека искрено се прекршува. Се разбира, сфаќаме дека тоа е намерна политика за провокации“, рече Костадинов.