ГЕРБ ја зацементира блокадата на Македонија во предизборната програма


Во програмата за изборите, партијата на премиерот Борисов запиша „гарантирање на правата на бугарското малцинство во Албанија“ и заштита на сите бугарски заедници надвор од Бугарија. Каракачанов, пак, ќе бара впишување на Бугарите во македонскиот Устав и давање бугарски пасоши и  политички права за Гораните во Косово

 

Слободанка Јовановска

Партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ, во предизборната програма со која ќе се трка во април за нов четиригодишен мандат, ја зацементира позицијата кон спорот со Македонија. Ваквата политика ГЕРБ, што ја озаглави како „нова страница во надворешната политика на земјата“, ја наброи во успесите од претходниот мандат, најавувајќи дека ќе ја поддржи евроинтеграцијата на нашата држава, но ќе инсистира на исполнување на Договорот за добрососедство од 2017 година и на запирање на говорот на омраза.

Притоа навести можен предуслов и за поддршка кон Албанија – правата на булгарското малцинство во таа држава, што преведено од политички речник значи дека Тирана ќе треба да ја прифати политиката на Софија кон Македонците во таа држава.

„Интересот на Бугарија е да сме обиколени од безбедни, просперитетни и добронамерни држави. ГЕРБ ја поддржува евроинтеграцијата на сите шест земји од Западен Балкан. Ја поддржуваме и Република Северна Македонија околу членството во ЕУ и настојуваме да се испочитуваат Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и запирањето на говорот на омразата. Нашата заедничка историја треба да нѐ обединува, а не да нѐ разделува. За нас е важно европскиот пат на Албанија да минува преку гарантирањето на правата и на интересите на булгарското малцинство“, стои во програмата на ГЕРБ која е штотуку објавена.

Притоа има ред фалби како Бугарија ја вратила евроинтеграцијата на земјите од регионот на агендата на Европската унија, како добила признанија за тоа, како станала фактор во креирањето на надворешната политика на ЕУ и како се докажала кон нас  како „добронамерна, но со тврди позиции и дејствија, не прифаќајќи го јазикот на омразата и фалсификувањето на историската вистина“, со порака на крај  дека поддршката на евроинтеграцијата ќе зависи од исполнувањето на индивидуалните критериуми на сите земји во регионот, вклучувајќи ги добрососедските односи. 

Во програмата има и ред ветувања за тоа како ќе се јакне „бугарштината“ во соседните земји и пошироко.

„Создадовме програма за поддршка на организациите на бугарските заедници – прв механизам од ваков вид во вакви размери. Така им помогнавме на Бугарите низ целиот свет, вклучувајќи ги тие во Албанија, Косово, Молдавија, Република Северна Македонија, Србија и Украина, а со цел да го зачуваат бугарскиот дух, идентитет и  јазик“, стои во програмата на владејачката партија на Бугарија, па се најавуваат новите чекори во тој правец. 

„Грижата за бугарските заедници надвор од Бугарија бара постојани напори за заштита на нивните права и интереси. Ние ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина. Ние ќе продолжиме да ја поддржуваме промоцијата и проширувањето на нивните активности за зачувување на бугарскиот идентитет – јазик, култура, дух и традиции. Ќе воспоставиме стипендии за подобрување на познавањата на бугарскиот јазик не само кај учениците, туку и кај студентите од бугарските заедници во странство. Ќе создадеме единствено тело за да ги покриеме сите аспекти на односите меѓу бугарската држава и нашите сонародници во странство“, ветува ГЕРБ.

Притоа се најавува дека во добрососедските односи, зачувувањето на правата на бугарските национални малцинства ќе биде клучен услов за нив, откако претходно ја нацртаа „мапата“ со бугарски малцинства во регионот, во која ја ставија и Србија, исцртувајќи практично некое можно идно вето и за неа.

Во програмата се најавува и активна помош на бугарските телевизиски оператори за емитување програма во соседните земји и активности за „зачувување и развој на културниот идентитет на Бугарите во странство“, меѓу кои „оптимизација и поголема активност на бугарските културни центри во странство и привлекување на странски уметници и научници за промовирање на бугарски активности за  културното и историско наследство“. 

Очекуваниот коалиционен партнер на ГЕРБ, ВМРО на Красимир Каракачанов, и на овие избори се продава како „гарант на бугарскиот интерес во Македонија“ и како наследник на идејата за преродба и ослободување на татковината „во нејзините три дела –  Мизија, Тракија и Македонија“. Во програмата ВМРО посочува дека Бугарија мора да стане регионален лидер на Балканот и да има специјална стратегија за надворешна политика кон Бугарите во странство и „странските државјани со бугарски идентитет кои живеат во Македонија, Албанија, Србија, Турција, Романија, Украина, Молдавија, Русија, Татарстан, Северен Кавказ и други“, проширувајќи ја  идејата за „Голема Бугарија“ и пошироко. 

„Бугарија не може да дозволи фалсификати и замена на историската вистина за минатото и јазикот на населението во Македонија“, порачува во програмата ВМРО, ветувајќи потоа дека ќе се залага за формирање на  Министерство за Бугари во странство, што постоеше па беше укинато како анахроно. Тоа, според нив, треба да се грижи за бугарските организации, културните и информативни центри и медиуми. Во програмата се најавува и основање на бугарски културен институт „Св. Свети Кирил и Св.Методиј“ како „средство за зајакнување на бугарската самосвест и проширување на влијанието на бугарскиот јазик меѓу нашите заедници во странство“. Околу бугарското државјанство се најавува скратување и олеснување на постапките за издавање лични документи.

Конкретно кон Македонија, ВМРО ќе се залага за ставање на Бугарите во Уставот, т.е. нивно признавање како уставен народ, веројатно поради намерата со пасошите да се зголемува нивниот процент и политички права, како тие на албанската заедница кај нас. Тој најавува и  формирање бугарски неделни училишта во Македонија,  финансирање на активностите на бугарските организации, емитување на бугарските телевизии и охрабрување на бугарските компании за инвестиции во нашата држава. На крајот, најавува и привлекување на авторитетни имиња кај нас за да работат за бугарската кауза, со само две нормални ветувања – Коридорот 8 и воспоставување брз воз Софија – Скопје.

И, тука не запираат плановите и ветувањата на ВМРО кон Македонија, туку јасно се гледа дека ќе бараат бугаризација на нашето малцинство во Албанија, па дури и на Гораните во Косово. 

Така, за Албанија во програмата стои: избор на бугарски претставник во Советот за малцинства, поддршка за бугарските организации во контекст на претстојниот попис, изучување на бугарскиот јазик во областите со бугарско малцинство, стекнување на политичка застапеност, проширување на мрежата на неделни училишта  и поддршка за иницијативи и проекти на бугарското малцинство. За Косово стои дека ќе се залагаат за признавање на бугарското национално малцинство и за негово политичко претставување, организација на курсеви по бугарски јазик, неделни училишта, изборно изучување на бугарскиот јазик во јавните училишта и обновување на постапката за стекнување бугарско државјанство. Каракачанов има амбиции и за Србија, каде што ќе турка промоција на бугарските организации, обновување на бугарските медиуми и изградба на нови културно-информативни центри.

ВМРО, стои во програмата, „ќе бара ефективни и категорични дипломатски реакции во случаи на бришење на бугарската историска меморија во црквите, уништување на спомениците, замена на документарните и литературните  вредности, што се забележуваат особено во Македонија“. Истото ќе важи и за „замена на идентитетот и самосвеста на бугарските национални херои“.

Шовинистичкиот карактер на оваа „патриотска“ партија најдобро се гледа во ветувањето да го избришат турскиот јазик од нациналната телевизија БНТ и делот каде што предлага мерки за „несоцијализираните заедници“, т.е. „Концепт против циганизацијата“, со кој бара избирачкото право на преставници од ова малцинство да биде условено со задолжително образование и владеење на бугарски јазик. Ромите  без основно образование, според оваа партија, треба да гласаат само по положен испит за докажување на владеење на бугарски јазик. За ситни кражби место парични казни што не ги плаќаат, да одат во затвор, да се ограничи „социјалниот паразитизам“, т.е. социјалната помош и да се спроведуваат едукативни, здравствени и други информативни политики за спречување на несакана бременост и за ограничување на наталитетот на деца со посебен фокус на лица од ромските заедници.