ГЕРБ бара гаранција дека францускиот предлог нема да значи признавање на македонскиот јазик


Група пратеници на ГЕРБ поднесоа нови предлози околу францускиот предлог за решавање на спорот со Македонија, иако  сите во ЕУ чекаат Софија да им стави крај на условувањата и да се изјасни за иницијативата на претседателот Емануел Макрон.

Со овие предлози пратениците на ГЕРБ бараат власта во Бугарија да осигура дека во пакетот документи за спорот  ниту еден од нив  нема да се гледа како признавање на македонскиот јазик како посебен од бугарскиот од страна на Бугарија. Тие, исто така, бараат бугарската влада да обезбеди прецизност во документите на ЕУ  дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав сигурност ќе се случи, и тоа во сите делови каде што се споменуваат другите народи.

ГЕРБ побара, исто така, добрососедството да стане хоринзонтален услов во рамките на целиот процес на присоединување и ЕК пред секоја меѓувладина конференција да дава извештај на оваа тема.  Владата, бара ГЕРБ, да ги вложи сите напори  сите двострани протоколи  со Македонија да бидат вклучени во параграфот 5  (веројатно во заклучоците на Европскиот совет), како дел од критериумите  за напредок во преговорите на Македонија. На крајот овие пратеници бараат владата да ја одобри преговарачката рамка истовремено или по финализирањето на Протоколот  од второто заседавање на билатералната Меѓувладина комисија, наспроти актуелниот предлог на Румен Радев тоа да се случи откако Македонија ќе ги внесе Бугарите во Уставот. Од ГЕРБ се оградија дека не станува збор за иницијатива на партијата туку на нивни пратеници.

Инаку за 15 часот е закажана повторно комисијата за надворешна политика во нов обид да се изјасни за францускиот предлог, пред тој да оди пред Народното собрание што го чека Кирил Петков за да го дигне ветото. 

Веднаш по ГЕРБ со свои предлози излезе и Демократска Бугарија и за изненадување, тие се речиси целосно исти како тие на опозицијата, со една голема разлика – дека изгласаната одлука на Народното собрание ќе може да важи за било која фаза од процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, или попрецизно – за сите.   И оваа партија натаму бара прифаќањето на францускиот предлог да не значи прифаќање на „македонскиот јазик“  и гаранција дека Бугарите ќе се најдат во нашиот Устав. 

Според оценката на ЕУ Обсервер, дури и да даде зелено светло Бугарија деновиве, Емануел Макрон не ќе може да слави успех на самитот бидејќи преговарачката рамка за ЕУ  треба да ја одобри и македонскиот парламент.