Герасимовски од Крижевци ќе учи како Центар да стане енергетски независен

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски кој е на работна посета во Загреб Хрватска како гостин и учесник на семинарот „Енергетска транзиција на Хрватска и земјите од регионот“ ја посети Општина Крижевци која е пример за искористување на сончевата енергија преку фотоволтаични панели. Во рамки на посетата Герасимовски заедно со колегите од Балканските земји се сретна со градоначалникот на општината, Марио Рајн. На средбата Герасимовски го запозна Рајн со новоформираното претпријатие „Енергија Центар“ по што доби и совети и искуства од нивните почетоци во сега веќе енергетската транзиција на општината.
„Во рамки на семинарот за енергетска транзиција кој се одржува во Загреб Р. Хрватска имав одлична можност да ја посетам Општина Крижевци која е енергетски независна општина преку искористување на сончевата енергија.
Со пресликувањето на „Крижевскиот модел“ Општина Центар би добила значајна заштеда, повраток на инвестираните средства за неколку години и нови проекти за граѓаните. И токму тоа е мојата заложба.
Благодарение на ваквите размени на искуства и дијалози на меѓународно ниво и нашата визија за урбана и модерна општина, ќе продолжиме и во иднина да го носиме духот на иновациите во државата“, напиша Герасимовски на Фејсбук.
При посетата на Загреб градоначалникот Герасимовски се сретна и со Бранко Анчич претставникот на Општина Загреб, со кого разговараа за потребата на енергетската транзиција.
Инаку тридневната посетата во Р. Хрватска беше организирана од фондацијата „Фридрих Еберт“. Општина Центар присуствуваше со уште неколку колеги од Балканските земји со кои разменија искуства и дијалози на меѓународно ниво во областа на енергетиката и искористувањето на обновливите извори на енергија.