Герасимовски објави победа во Центар


Државната изборна комисија (ДИК) ги објави конечните резултати за градоначалник на општина Центар, потврдувајќи ја победата на кандидатот поддржан од СДСМ.Со обработени 88,90% од гласовите (71 од 78 избирачки места), резултатите се: Горан Герасимовски (СДСМ) со  52,82% (9.877 гласа) и Мирослав Лабудовиќ (Движење ЗНАМ) со  38,34%(7.170 гласа).

„Денеска победи прогресивното, слободното, модерното, чесното работење на фер демократски и слободни избори“, изјави Горан Герасимовски кои вечерва прогласи победа и уште еден градоначалнички мандат.

Според него, да се биде градоначалник е чест и признание.

„Да те изберат двапати за мене е најголема чест, а воедно и огромна обврска. Победивме зошто работивме 4 години а не само 30 дена, комунициравме со граѓаните, обединувавме најважно од се имавме јасен пат, се водивме од принципи, а не од дневни политики, се водевме од чесност и правичност, постоиме заради граѓаните, рече Герасимовски. 

Тој се пожали дека во оваа кампања се соочил со нефер противници.

„Ако ние водевме фер и конструктивна кампања, тие правеа се спротивно. 
Ме навредуваа, ме клеветеа, лажно ме обвинуваа и си ги припишуваа резултатите себе си. И тоа луѓе, наши довчерашни соборци и соборки, кои од нивни, целосно промашени и лични, ефтини, мотиви, решија да бидат на страната на фотељашите, на кариеристите, на властољупците, на неработниците, на профитерите. И како што бива, изгубија. Исчезнаа, пропаднаа, останаа тивки вечерва. Граѓаните ги победија, им пратија трајна порака. Бидејќи Центар е паметен, мудар, искусен, ги препознава лажните ликови и нивните интереси, тие во Центар не поминуваат. Се покажа дека доброто со добро се враќа, работата со признание се враќа, а успехот од сето тоа е заеднички. Уште еднаш се покажа дека силата е во заедништвото, во вистината, во правдата…Ние ќе продолжиме понатаму како и досега, со силен мотив, со моќна работа да ги спроведуваме ветените проекти. Затоа што тие им помагаат на граѓаните“, рече Герасимовски.

Тој најави дека Центар го подига на ново, повисоко ниво.

„Продолжуваме да ја пишуваме нашата заедничка нова приказна. Вечер ќе славиме, а од утре наутро, продолжуваме со силна работа. Сите ве уверувам, се што кажавме, се ќе исполниме. Ќе бидеме вистинскиот пример и за Центар и за цела држава, за резултати, за чесност, за вредностите. Ќе бидеме оригинален позитивен пример, но и алтернатива на сите погрешни политики“, рече Герасимовски кој практично доби втор мандат за оваа функција.

Општина Центар е една од шесте општини што ги освои опозициската СДСМ на овие локални избори.