Герасимовски избран за потпретседател на СДСМ, повика на сплотеност во партијата


Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во обраќањето на седницата на Централниот одбор на СДСМ, на која беше избран за потпретседател на партијата, повика на сплотеност, меѓусебна доверба и заедничка работа.

-Не мора секогаш да мислиме исто. Не мора секогаш да се согласуваме. Но мора да знаеме што нè спојува. Тоа се нашите принципи, одбраната на социјалдемократијата и борбата за достоинствен живот на граѓаните – порача Герасимовски.

Тој истакна дека различното мислење не треба да биде причина за поделби, туку поттик партијата да стане посилна. Според него, првиот чекор кон враќање на довербата кај граѓаните е членовите повеќе да разговараат, да се слушаат и да работат заедно.

-Само сплотени можеме силно да се спротивставиме на режимот на ДПМНЕ. Само сплотени можеме да ги браниме нашите вредности. И само сплотени можеме повторно да ја вратиме довербата на граѓаните – изјави Герасимовски.

Заблагодарувајќи му се на претседателот Венко Филипче и на сопартијците за довербата, Герасимовски нагласи дека функцијата ја прифаќа со големо чувство на одговорност. Тој порача дека ќе биде отворен за секој член, за секоја добра идеја и за секоја критика што може да ја направи партијата подобра.

-Нема место за поделби. Нема место за суети. Нема место за стоење настрана и чекање некој друг да ја заврши работата. Секој е важен. Секој е потребен. Силата на СДСМ никогаш не била во еден човек. Силата на СДСМ била во луѓето – истакна Герасимовски.

Тој го заврши обраќањето со повик за слотување и единство во партијата.

-Да се сплотиме. Да се исправиме. И да покажеме дека СДСМ има сила повторно да оди напред – рече Герасимовски.

Повикот за сплотување доаѓа откако претходно денеска претставниците на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, поранешните функционери на СДСМ – Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Гордан Георгиев и актуелната пратеничка, а поранешна министерка, Славјанка Петровска најавија дека почнувајќи од следната недела, пред лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ќе биде претставен план за консолидација на најголемата опозициска партија и за окрупнување на опозицискиот фронт во кој еден од условите ќе биде и негово повлекување од лидерската позиција. Доколку Филипче не го прифати ова, тогаш ќе следуваат други решенија.

Платформата најави дека во саботата ќе има нова рунда разговори за состојбите во Македонија насловена како „35 години потоа“. По неа, ќе следува сериозна и интензивна активност која првенствено ќе биде фокусирана, како што рекоа, на средување на состојбите во СДСМ, но и на окрупнувањето на сега разединета опозиција.

Лидерот на СДСМ Филипче претходно денеска одговарајќи на новинарски прашања во врска со денешниот брифинг со медиумите на дел од членовите на СДСМ, на прес-конференцијата во Собрание рече дека стратегијата на власта е да ја раситни опозицијата за потоа да може да владее. Филипче ги повика повторно овие членови на СДСМ да ѝ се приклучат на партијата. Дека се „купени“, според него, е доказ тендерот што Никола Ќуркчиев го добил од државна фирма. Се наврати на ЗНАМ на Максим Димитриевски за која рече дека се формирала, а потоа ѝ се придружила на Владата.