Георгиевски: ВМРО-ДПМНЕ објави 70 книги во кои пишува дека нашето население е бугарско


Во 2014 година во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ, кога премиер беше Никола Груевски, беа издадени најмалку 70 книги во кои пишува дека населението во Македонија е бугарско.

Ова во објава на Фејсбук го пишува поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски.Тој вели дека книгите кои биле издадени од Министерството за култура во 2014 година финансирани од македонскиот буџет, биле дел од едицијата „Про Македонија“.

„Ајде уште еднаш да појаснам зошто очигледно некои луѓе потешко разбираат. Во 2014 година во време на влада на ВМРО-ДПМНЕ, премиер Никола Груевски, со пари од македонскиот буџет, Министерството за култура на Република Македонија објавува едиција „Про Македонија“ во која во најмалку 70 книги пишува дека населението во Македонија е бугарско. Автори се војводи, комити, илинденци и странски автори. Паралелно со тоа архивот на Македонија во време на ВМРО-ДПМНЕ додека е директор Зоран Тодоровски објавува уште најмалку 50 книги каде исто пишува дека населението во Македонија е бугарско. Со овие документи, за жал, испаѓа дека во ВМРО-ДПМНЕ се најголемите платеници на бугарските служби“, напиша Георгиевски.