Георгиевски: ВМРО-ДПМНЕ го блокира ребалансот на буџетот на Општина Гази Баба


Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски на прес-конференција појасни дека развојните планови на општината се закочени поради тоа што еден месец не може да се донесе ребаланс на буџетот, поради опструкции од советниците на мнозинството.
„Повеќето проекти кои што ги ветивме, се започнати, а дел се во завршна фаза“, рече Георгиевски, но не можат да продолжат со истото темпо поради блокирање на донесувањето на ребаланс на буџетот на општината.

„Општина Гази Баба четири недели се соочува со бојкот од советниците на ВМРО-ДПМНЕ за донесување на ребалансот на буџетот. Иако немаа ниту една забелешка, ниту на координацијата ниту на расправата, сепак се одлучија за стопирање на суштинските точки кои ќе значат дополнителен развој за општината, а со тоа и подобри услови за живот на граѓаните. Според нив, буџетот не бил развоен и се крателе средства од него, се префрлале за непродуктивни трошоци на општината’, рече Георгиевски.

Рече дека пред десетина дена побарал коодинација со советничките групи и коалициите, , но сепак, од советниците на ВМРО – ДПМНЕ до денеска нема никаков одговор.

Најави дека граѓаните ќе се уверат во неговите зборови, затоа што ќе имаат можност лично да присуствуваат на наредната седница и сами да видат што се случува.
„ВМРО – ДПМНЕ не е прв пат да ја стопира работата на општината. Тие го блокираа бараниот кредит од Светска банка за изградбата на вакуум канализацијата во Јурумлери, која е единствена во Македонија. Со овој проект жителите на Јурумлери и околните населени места за прв пат добиваат фекалната одводна канализација. Септичките јами конечно стануваат минато и добиваат нормални услови за живеење. Советниците на ВМРО – ДПМНЕ го блокираа и проектот за проширувањето на булеварот „АСНОМ“. Блокираа и влегување на две големи инвестиции кои ќе значеа дополнителен развој, но и приход во општината и ќе овозможеа реализација на плус проекти“, појасни Георгиевски.
Тој смета дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ го пролонгираат носењето на буџетот, за да помине градежната сезона, а со тоа сите започнати и идни проекти да останат нереализирани.

„Со ваквите постапки ќе нанесат и дополнителни материјална штета во плаќање во доспеаните фактури кон доверителите за јавно осветлување каде парични средства се обезбедени на сметка, а ние немаме основ за исплата.  За мене е легитимно секој советник да има забелешки, но за истите да имаат и образложение или свој предлог за решение, а не само да се симнуваат точки од дневен ред, без образложение“, рече Георгиевски. 

Тој, како градоначалник ги покани сите заинтересирани граѓани на следната седница на Совет да присуствуваат за да слушнат и да видат сѐ што тој кажа денеска, па потоа и сами да заклучат кој ја блокира работата на Општина Гази Баба.