Георгиевски: Спроведени повеќе од 100 проекти, акцент ставаме на животната средина


Пред две години кога ја презедов функцијата градоначалник на Гази Баба наследив општина со многу проблеми кои со години се провлекувале, општина со долг над 2,5 милиони евра и населени места без вода за пиење и канализациска мрежа. Општина Гази Баба веќе две години оди кон подобро, а проектите што сме ги реализирале досега тоа го потврдуваат. Ова денеска на прес-конференција го соопшти градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски, кој даде отчет за сработеното во период од две години од неговиот мандат.

Тој информира дека досега спровеле повеќе од 100 проекти. Изградена е патна инфраструктура во должина од 33 километри, односно поставен е асфалт на 67 улици. Се гради вакуум канализациска мрежа во Јурумлери, а по 17 години жителите на Трубарево добиваат канализациска мрежа. Во декември оние домаќинства кои не се приклучени, бесплатно ќе бидат приклучени на канализациската мрежа. Посочи дека вложуваат во подобро образование, го плаќаат обезбедувањето во сите 11 основни училишта и во двете детски градинки. За две години вкупно се реконструирани и изградени 22 детски, 11 спортски игралишта, а на четири игралишта е поставена вештачка трева.

Георгиевски информира дека за овие две години целосно го опремиле ЈП Гази Баба 2007 за успешно да ја извршува својата дејност. Во сите населени места поставени се 600 нови канти и 400 нови клупи. Обновена е урбаната опрема во парк-шумата Гази Баба, а за две години во Општината се засадени 1.000 дрвца. Доделени се 100 субвенции за набавка на печки на пелети, отстранети се хаварисани возила од паркинзи и јавни површини. Додаде дека од граѓаните ги добива најдобрите совети и критики и излегува во пресрет на нивните барања.

Тој најави дека во следните две години најголем акцент ќе стават на животната средина. Целта, како што рече, е до 2020 година да уредиме 15.000 квадратни метри јавен зелен простор, раззеленување на училишните дворови и градинките. За наредниот период е предвидена изградба на нови училишни спортски сали.

– Аплициравме за средства од Владата за изградба на нова училишна зграда за ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Ченто. Работиме на проширување на капацитетот на градинките и започнуваме со изградба на нови четири гардинки во Ќерамидница, а следуваат Сингелиќ, Инџиково и Трубарево. Жителите на Автокоманда ќе добијат три монтажни паркинг гаражи, а почнува и субвенционирањето за изведба на енергетски фасади на станбените згради, рече Георгиевски. Додаде дека докажале ако се работи домаќински, во интерес на граѓаните, може да биде подобро.

Од капиталните проекти кои се очекувата во тековната година се реконструкција на патот Раштак-Бутел, изградба на нов пат во Булачани во должина од еден километар, ревитализација на локален пат во Виниче, изградба на водоводна мрежа во ниската зона на Раштак, водоводна мрежа во Страчинци, канализациска мрежа во Смилковци.