Љупчо Георгиевски: Не е точно дека Тито го создал „македонизмот“

Поранешниот македонски премиер Љупчо Георгиевски, кој е во „мисија на добра волја“ во Бугарија, во интервју за емисијата „Слободна зона“ на ТВ Европа, отворено се спротивстави на тезата која ја пласира официјална Софија дека „македонизмот“ е творба на Тито.

„Тоа не е точно, напротив. Прва за ‘македонизмот’ се залага Бугарската комунистичка партија (БКП). Прв кој важи за основач на современета македонска историографија е Васил Ивановски. Тој е член на ВМРО-Обединета, а потоа и на БКП, и тој е основач на весникот ‘Нова Македонија’. Во Македонија е до 1945-46 година, потоа се повлекува во Бугарија и до 1991 година живее во Бугарија. Тој е првиот кој ја изнесува тезата дека Самоиловото царство е македонско царство. Вториот е комунист од Пиринска Македонија на кого во моментот не ми текнува името, а третиот е Павел Шатев. Значи, тоа нема врска со Тито, бидејќи тој доаѓа на функција во 1940-тите години, а тезата за самостојна македонска нација и македонски јазик почнува со ВМРО-Обединета во 1924 година, во 1934 година комплетно се формализира и ако ги погледнете текстовите на српските комунисти и на бугарските комунисти, ќе видите дека таа теза српските комунисти ја примаат технички, а бугарските – со многу жар, со многу љубов и со многу волја пишуваат за македонска нација и македонски јазик. Така што, темни петна има и во бугарската и во македонската историја, но таа не смее да се симплифицира“,вели Георгиевски.

Тој смета дека Рамковната позиција, Декларацијата на бугарскиот парламент и Меморандумот доставен од Софија до Брисел се еднострани акти со кои формално-правно се прекршува духот на Договорот за добрососедство.

„Тие документи со право ја иритираа македонска јавност, не само со фактот што се еднострани, туку затоа што со нив комплетно се негира постоењето и на македонската нација и на македонскиот јазик. Бугарската страна можеби смета дека тоа што е постигнато во изминатите неколку години е малку и недоволно, но ако сте свесни дека 80 години ништо не се случувало, тогаш не може да не кажеме дека за овие две-три години е направено многу. Постигната е согласност за неколкумина личности, како што се Кирил и Методиј, Климент и Наум, Цар Самоил и разговорите треба да продолжат. Ние треба да се договориме кои се тие личности што заеднички ќе ги чествуваме. Тоа треба да биде темата, а не некаква генерална оценка каква треба да биде историјата на Македонија“, истакна поранешниот премиер.

Во интервјуто за познатиот бугарски новинар Георги Коритаров, Георгиевски укажа дека ставањето вето за македонската интеграција во ЕУ од официјална Софија ќе биде катастрофална грешка, која нема да има импликации само во односите меѓу двете земји и народи, туку и во регионален контекст.

„Очекувам Бугарија да ја ублажи својата позиција преку враќање на позициите истакнати во Договорот. Македонската страна е децидна и повторува дека не отстапува од тоа дека е потребно тој да се почитува и е подготвена да продолжи низ преговори да се дојде до прифатливи решенија за двете страни околу заедничката историја. Но, ако Бугарија остане на својата позиција и ја блокира Македонија, тогаш влегуваме во вител од кој тешко дека ќе се излезе уште најмалку една деценија“, подвлече Георгиевски во интервјуто за ТВ Европа.