Георгиева: Протекционизамот ги ослабнува изгледите за глобално заздравување


Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, денеска изјави дека повлекувањето на светот во протекционизам може да ги ослабне изгледите за глобално закрепнување во момент кога сè уште постојат шанси да се појават „уште понегативни сценарија“, во зависност од развојот на пандемијата.

На онлајн состанок, организиран од Европскиот универзитетски институт, Георгиева кажа дека сè уште има многу неизвесности кога станува збор за здравствените и економските последици од новата пандемија на коронавирусот.

На прашањето колку е загрижена што растечките тензии меѓу САД и Кина можат да ја загрозат глобалната економија, Георгиева изјави дека „од најголемо значење е да се спротивставиме на нешто што може да стане природна тенденција на повлекување зад нашите граници“.

Повторното воспоставување на светска трговија е клучно за да се обезбеди глобалното економско закрепнување, заклучи шефот на ММФ.