Георгиев тврди: Препораките на Историската комисија не го допираат македонскиот идентитет
Четири години откако е формирана Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, за првпат денес беа објавени првите препораки за заедничко чествување и за промена на учебниците по историја. Станува збор за пет препораки што се однесуваат за учебниците за 6-то одделение во Македонија и за 5-ти клас во Бугарија, како и за заедничко чествување на четири личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил.
„Не ни е работа да бришеме историски факти или да менуваме историја“, порача копретседателот на Комисијата, Драги Ѓоргиев, додавајќуи дека целта била со усогласените текстови да се ослободи историското образование од националистички и шовинистички предрасуди и да не се користи за мапинулација на младите за политички цели. Тој повторно нагласи дека текстовите за заедничкото чествување се идентични за двете држави, дека примената е реципрочна и дека останува на двете влади да решат дали ќе ги прифатат и дали ќе ги применат.
„Препораките што ги објавуваме денес ниту во еден сегмент не допираат до македонскиот идентитет“, рече Георгиев посочувајќи дека сите обвинувања насочени кон македонскиот дел од Комисијата, и од Бугарија и од дома, со тоа паѓаат во вода.
Како што информираше, овие препораки се усогласени во 2019 година, но заради влошените политички односи не беа објавени од двете МНР досега. Во моментов се разговара за учебниците од 6-ти клас во Бугарија и 7-мо одделение во Македонија кои го третираат средниот век , за што се усогласени веќе седум препораки за Бугарија и четири за Македонија, а три чекаат да бидат финализирани, бидејќи интенцијата на Комисијата е бројот на препораките на двете земји секогаш да биде ист. Главниот преговарач за овој период, Петар Тодоровски, очекуваше во првата половина на идната година да бидат усогласени сите овие препораки и потоа да се префрлат на современата историја.
„Никаде не рековме дека во процесот ќе тече мед и млеко.Напротив натаму ќе биде уште потежок, но веќе ги знаеме ставовите на едната и на другата страна“, потенцираше Георгиев околу дилемите дали има логика натаму да се разговара со бугарските историчари, ако ставовиве за идните периоди им се толку спротивставени.
Георгиев притоа негираше дека текстот за препораката за чествувањето на Цар Самоил ќе биде обврска и за учебниците и дека тој мора да биде напишан на Самоиловата тврдина, со објаснување дека тоа не е работа на Историската комисија туку такви одлуки може да носи само владата. дека процесот не е лесен и за Бугарија, иако се создава таква претстава на жртва кај нас, тој аргументираше со фактот дека текстот за Кирил и Методиј во кој стои дека се словенски просветители треба да биде прифатен и применет од Софија и дека низ разговорите за идните периоди се отвора можност многу наши ставови да влезат во бугарските учебници, пред се за создавањето на македонската нација и за Првата светска војна и за холокаустот.
Во однос на учебниците, појасни Ѓоргиев, препораките се однесуваат на оние места во учебниците во историја каде нашата страна сметала дека треба да има подобрување во бугарските учебници во одредени теми и обратно. Препораките, додаде Ѓоргиев не се со задолжително усвојување, бидејќи тоа е препорака на Комисијата, а како ќе се одвива понатаму е во рацете на институциите.
– За заедничкото чествување на историските ликови, главни критериуми за Комисијата беа презентација на универзалните вредности на тие личности, придонесот на тие личности во развивањето на христијанската култура, традиција на овие простори и секако придонесот на тие личности за развојот на словенската, сесловенската писменост. Се трудевме во тој контекст текстовите да имаат поширок регионален апсект, заклучи Ѓоргиев.
Тој негираше повторно дека има рокови до кога мора да ја заврши работатат Историската комисија:
– Ние никогаш не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и до унисоно мислење. Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен за којшто ќе дискутираме, дискусиите ќе траат и во крајна линија ако ние се договориме, успееме да најдеме некакво решение ќе го презентираме. Ако не успееме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија, рече Ѓоргиев.
Тој нагласи дека Комисијата не расправа за тоа како историографиите гледаат на одредени личности и настани, туку за тоа како се тие презентирани во учебниците по историја во двете земји и дали е потребно нивно поинакво презентирање во бугарските учебници и во македонските учебници.
– Ние не расправаме за тоа како историографиите гледаат на одредени личности и настани. Историографијата ќе си ја продолжи својата работа со истражување, историчарите ќе ги презентираат своите видувања за настани и за личности онака како што тие мислат. Комисијата на никој начин нема да влијае врз историографијата, врз пишувањето на историските книги, врз истражувањата итн. Комисијата ќе се фокусира на учебниците по историја со цел да придонесе да се надминат одредени недоразбирања кои постојат во учебниците за да се релаксираат односите меѓу двата народи, меѓу двете држави, рече Ѓоргиев.