Георгиев бара да се одобрат пари за судската администрација, оти судовите ќе се блокираат


Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев

 Претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев го повика министерот за финансии да одобри средства за исплата на дотатоците на судските службеници и администрација, бидејќи како што вели судовите ќе се блокираат. Судскиот совет вчера нема донесено одлука за  додатоците на плата, од причина што немаат средства за исплата. Георгиев истакна дека проблемот со финансиската зависност на судската власт од извршната е децениски проблем и се одразува во секој сегмент.

-Тоа го истакнуваме како децениски проблем во минататото, а се носиме во сегашноста како реален проблем. Имаме активни протести, а некаде и најави за штрајкови. Не знам колку ви е познато, но за целиот овој период имаме неколку состаноци со претставници на синдикалните организации и се обидуваме да најдеме некои соодветни решенија. Морам да кажам дека сето тоа тешко оди и зависи од Министерство за финансии, којшто треба на крајот да ги исплатат овие средства како додатоци на плата. Судскиот буџетски совет во неколку наврати имаше и обиди со свои одлуки за пренамена на средства од капиталните инвестиции коишто се на располагање да ги пренамени во додатоци за плата и како би се изамортизирал тој дел и да може на некој начин утешно да се, со некој процент делува за администрацијата, вели Георгиев.

Но, како што наведе, од страна на Министерството за финансии не поминало и оваа решение и не се одобрени овие парични средства и судската администрација и службеници останаа без додатоци.

-Тоа претставува реален проблем и работиме на тоа. Значи во делот на министерот за финансии уште еднаш го повикувам да има разбирање и да најде начин да се надминат овие проблеми, инаку би дошло до блокирање на судството, ќе застане судството, бидејќи без оваа судска администрација ќе се блокира судството во буквална смисла на зборот. Тоа е една алатка во судството, каде што без овој дел не може да функционира судството.