Георги Сталев за македонскиот книжевен реализам – објавена книга по повод 95 години од раѓањето на писателот и 70 години творечка дејност

Во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје деновиве излезе од печат книгата „Аспекти на македонскиот книжевен реализам“ од доајенот ма македонката литература Георги Сталев. Со оваа објава се одбележуваат 95 години од раѓањето на писателот и 70 години творечка дејност.
Во првиот дел од книгата, Сталев понудува обемна студија за историските аспекти на повоената македонска литература, а потоа ги подложува на анализа реалистичките особености во романескните и раскажувачките опуси на триесетина современи македонски писатели.
– Книжевните истражувања на проф. д-р Георги Сталев се во знакот на задлабочени анализи кои во исто време ги фиксираат спецификите и вредностите во делата на македонските писатели, од една страна, и од друга: неговите видувања во врска со предметните теми ја градат генералната слика на развојот на македонската литература преку нишката на реализмот како доминантна книжевна определба. Со тоа оваа книга претставува своевидно надополнување на авторовите заложби за презентирање на суштествени појави во литературата. Станува збор за значајна книга – студија, која има за задача да фрли сноп светлина на многу важни прашања од развојот на македонската литература. Со еден ваков проект, македонската книжевно-критичка, есеистичка и научна мисла добиваат неодминливи страници во третирањето на книжевните пројави, процеси и вредности кај нас, пишува во предговорот на книгата Веле Смилевски.
Георги Сталев (1930, с. Витолиште, Мариово) поет, прозаист, драмски писател, преведувач, антологичар, универзитетски професор. Автор на голем број дела, меѓу кои: „Гороломник пред својот крст“, „Вториот Омир“, „Бесоница“, „Јас Константин Македонијата“, “Маски“ (поезија); „Смев на крвта“, „Зелени гранчиња лаври“ (романи); „Рапсодија во сиво“ (раскази); „Болен Дојчин“, „Ангелина“, „Расколникот од Хетиим – Џинот“, „Самуил“ (драми). Книги со есеи, критики и студии: „Литературни портрети“, „За современата македонска книжевност“, „Приближувања“, „Македонскиот верс“, „Последните сто години македонска книжевност“, „Едно можно читање на Рациновите „Бели мугри“, „Книжевни хоризонти“, „Аспекти на македонскиот книжевен реализам“. Од доменот на книжевната историја ги објавил книгите: „Преглед на македонската литература од 19 век“, „Македонската литература во првата половина на 20 век“ и др.
Составувач е на Антологијата на француската поезија од нејзините почетоци до 20 век.